
26.03.2025 Скопје
Генетиката игра значајна улога во одржувањето на когнитивното здравје, но не може да се игнорира фактот дека животните навики, особено исхраната, можат значително да влијаат на здравјето на мозокот.
Иако е важно да го ограничите внесот на одредени видови храна, добрата вест е дека има многу намирници кои можат да ја подобрат функцијата на мозокот што можеме да ги вклучиме во нашата исхрана. Неврохирургот д-р Брајан Хофлингер наброја неколку такви намирници.
Риба
Рибите, особено масните, како што се лососот, пастрмката, сардината и скушата, се меѓу најдобрите намирници за здравјето на мозокот поради нивната висока содржина на омега-3 масни киселини. Туната и лососот се некои од неговите омилени избори, бидејќи, како што вели, „тие се богат извор на омега-3 масни киселини и со малку заситени масти“, што е одлично за здравјето на мозокот.
Јаткасти плодови
Јаткастите плодови содржат здрави масти кои се клучни за здравјето на мозокот. На пример, оревите се особено богати со ALA(алфа-линоленска киселина), растителна омега-3 масна киселина која ја поддржува структурата на мозочните клетки и го намалува воспалението. „Јаткастите плодови се одличен извор на протеини и здрави масти, особено оревите и ф’стаците“, вели докторот.
Лиснат зелен зеленчук
Зелениот зеленчук е богат со витамин К, кој е поврзан со подобрување на меморијата и когнитивните функции. На врвот на неговата листа се зеленчукот „како спанаќ, кељ и брокула, кои се добар извор на витамин К и фолати“, вели неврохирургот.
Подготвено од М.Д.