
13.03.2025 Скопје
Компанијата за батерии за електрични возила Нортволт вчера поднесе барање за стечај во Шведска.
Шведската фирма во соопштението рече дека не може да ги „обезбеди потребните финансиски услови за да продолжи во сегашната форма“ во скандинавската земја.
Нортволт вработува 5.000 работници кои сега се соочуваат со неизвесна иднина, а компанијата соопшти дека тесно ќе соработува со властите и синдикатите за да им обезбеди на вработените поддршка и информации.
Стечајот во Шведска следеше по повеќемесечната криза.
Нортволт претходно поднесе барање за заштита од банкрот во САД, а извршниот директор Питер Карлсон последователно ја напушти компанијата.
Компанијата е основана во 2016 година и долго време се смета за голема европска надеж во индустријата за батерии за електрични возила, а многумина очекуваа оваа компанија да биде алтернатива на азиските производители.
Нортволт изгради фабрика во северна Шведска и се надеваше дека таму ќе ја искористи зелената енергија за производство на стотици илјади ЕВ батерии секоја година, но имаше потешкотии со започнувањето на фабриката и финансирањето.
Компанијата додаде дека се соочила со „значајни внатрешни предизвици“ додека го зголемувала производството на батерии во „многу сложена индустрија“.
Подготвено од М.Д.