
14.03.2025 Скопје
Сипаниците се вратија и тоа е предупредувачки знак, изјави за медиумите д-р Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа. Бројот на официјално пријавени случаи во Европскиот регион на СЗО во 2024 година е двојно зголемен во споредба со претходната година. Ова е највисокото ниво во последните 25 и повеќе години. Како причина ги наведуваат се уште постоечките празнини во вакцинацијата против оваа болест.
„Вирусот не мирува“
Анализата на Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ, објавена во четвртокот, покажува дека бројот на потврдени случаи на сипаници минатата година бил највисок од 1997 година. Покрај тоа, повеќе од половина од пациентите барале хоспитализација, а пријавени се 38 смртни случаи поврзани со инфекцијата. Експертите не се сомневаат дека причина за оваа состојба е недоволниот број заштитни вакцини.
„Без високи стапки на вакцинација, нема здравствена сигурност. Додека ја обликуваме нашата нова регионална здравствена стратегија за Европа и Централна Азија, не можеме да си дозволиме да ја изгубиме стабилноста. Секоја земја мора да ги засили напорите за да стигне до заедниците кои се недоволно вакцинирани. Вирусот на мали сипаници никогаш не мирува, а не можеме ниту ние“, рече д-р Клуге.
Одбивање на вакцинација и недостаток на имунитет на населението
Регина Де Доминисис, регионален директор на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, укажа на сериозните празнини во опфатот со вакцинација. Таа нагласи дека само итна акција на Владата и континуирано инвестирање во здравството ќе ја запре оваа смртоносна и погубна болест, особено опасна за децата.
Слични заклучоци извлекува и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC). Се вели дека континуираното пренесување на вирусот на мали сипаници ги истакнува празнините во покриеноста со вакцини против болести кои можат да се спречат.
Во соопштението понатаму се наведува дека сипаниците се многу заразно заболување кое се пренесува преку капки со кашлање или кивање, како и со контакт со секрет од носот и грлото на заболено лице. Вирусот брзо се шири меѓу оние кои не се вакцинирани или не се целосно имунизирани.
Подготвено од М.Д.