
10.03.2025 Скопје
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска ќе престојува во Сараево во еднодневна посети Босна и Херцеговина.
Како што соопшти НАТО, предвидено е Руте да се сретне со членовите на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, Жељко Комшиќ и Денис Беќировиќ, со претседавачката на Советот на министри, Борјана Кришто, како и со министрите за надворешни работи Елмедин Конаковиќ и за одбрана Зукан Хелез и со в.д. министерот за безбедност Ивица Бошњак.
Покрај средбите со претставниците на босанските власти, Руте ќе ја посети и Командата на силите на НАТО во БиХ на аеродромот Бутмир, а ќе се сретне и со меѓународниот висок претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит и со претставници од Европската Унија во Сараево.
Предвидено е Руте да го посети и Универзитетот во Сараево, каде ќе има обраќање пред студентите, по што ќе следи и размена на мислења со нив.
Утре, пак, Руте, придружуван од заменичката генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, ќе предводи делегација на Северноатлантскиот совет што ќе го посети Косово.
Подготвено од М.Д.