a-1

06.03.2025 Скопје

Во РС Македонија, како и во многу други земји, луѓето купуваат облека од втора рака најчесто од економски причини. Ова го потврдуваат и од невладината организација „Биди зелен“ од Скопје.

Додаваат дека овие продавници нудат брендови и поквалитетна облека по пониски цени, што ги прави достапни за поголем број луѓе.

„Сепак, во последните години се зголемува бројот на граѓани кои купуваат од втора рака од еколошки причини. Ова особено важи за младите генерации и оние што се свесни за проблемите со брзата мода, загадувањето и климатските промени.

Постојат неколку главни еколошки придобивки од купувањето на облека од втора рака. Намалување на текстилниот отпад, многу облека завршува на депонии, а текстилниот отпад е огромен проблем бидејќи бавно се распаѓа и создава штетни гасови. Помала побарувачка за нова облека, со тоа се намалува потребата од производство на нови материјали, што ја намалува емисијата на јаглероден диоксид (CO₂). Заштеда на ресурси – Производството на текстил троши огромни количини вода и енергија. На пример, за едни фармерки се потребни 7.500 литри вода!, Намалување на загадувањето – Текстилната индустрија користи хемикалии и бои што загадуваат води и почви. Со купување од втора рака, се намалува ова загадување“, вели Блаже Јосифовски од „Биди зелен“.

Но, и со купување на нова облека, граѓаните можат да помогнат за заштита на животната средина и треба да бидат едуцирани што треба да изберат.

„Ако се одлучите за купување на нова облека, еве неколку совети што можат да помогнат за заштита на средината: Да избираме природни материјали. Органски памук, лен, коноп и волна се подобри избори од синтетички материјали како полиестер и акрил, кои се направени од нафта и ослободуваат микропластика при перење. Да проверуваме одржливи сертификации. Побарајте облека со еколошки ознаки. Избегнувајте ги брендовите што прават големи количини облека по ниски цени, но нивното производство сериозно ја загадува планетата планетата. Купувај квалитетна и долготрајна облека. Наместо да купуваме евтина облека што ќе се уништи брзо, инвестираме во парчиња што ќе ги носиме со години. Поддржете локални и етички брендови“, додава Јосифовски.

Порачува ако  е можно, да купуваме облека од домашни дизајнери или мали брендови што користат одржливи материјали и плаќаат фер плати.

Подготвено од М.Д.

About Author