lekovi

24.03.2025 Скопје

Федералната администрација за лекови на САД одобри нова класа на лекови против болки, први од ваков вид во последните две децении. Павле Жељиќ, менаџер за меѓународна соработка, европска интеграција и комуникации во Агенцијата за лекови и медицински помагала на Србија (АЛИМС), ги сподели своите сознанија и грижи во врска со актуелните трендови во терапијата со болка.

„Минатата недела бев на состанок на Светската здравствена организација во Женева каде што разговаравме за нови лекови против болки. За жал, имаме многу злоупотреба на лекови против болки, особено фалсификувани лекови. Она што особено ме загрижува е фактот што злоупотребата на лекови против болки, особено фентанил, се интензивира во европскиот регион“, рече Жељиќ.

Жељиќ истакна дека европскиот регион станува главен фокус на фалсификаторите кои користат опиоиди како додаток на фалсификуваните лекови против болки.

Опиоидите, како што е фентанилот, се скапи и честопати неопходни за пациентите кои секојдневно се справуваат со болката. Според Жељиќ, финансискиот мотив игра клучна улога во злоупотребата на овие лекови. Истовремено, тој ја истакна важноста од строга контрола врз издавањето на лекови против болки.

„Препишувањето на овие лекови мора да биде исклучително строго контролирано. Тие не смеат да се издаваат во аптека без надзор, бидејќи дури и неопиоидните аналгетици можат да предизвикаат зависност. Не станува збор само за класична зависност, туку за психолошка навика да земаме лекови за секоја болка што ја чувствуваме. Маскирањето на болката може да доведе до игнорирање на посериозни здравствени состојби кои треба да бидат прегледани од лекар.

Жељиќ ги објаснува клучните разлики помеѓу неопиоидните и опиоидните лекови кои се користат за управување со болката.

„Важно е да се напомене дека неопиоидните лекови делуваат оддалечено од централниот нервен систем, за разлика од опиоидите, кои делуваат директно на мозокот“, ја започнува својата презентација Жељиќ.

„Постојат опиоидни рецептори во централниот нервен систем кои се корисни за екстремно силна болка. Опиоидните дроги, базирани на опиум и неговите деривати, вклучуваат морфин, фентанил, а понекогаш и хероин, кој преминал во областа на нелегалните дроги. Со текот на времето развивме синтетички деривати на опиоиди.”

Неопиоидните лекови делуваат на ноцицепторите – типови на неврони кои се наоѓаат низ телото, вклучувајќи ја кожата, зглобовите и внатрешните органи.

„Ноцицепторите реагираат на механички, термички, хемиски или комбинирани фактори, како што се воспалителни процеси, сили, топлина или што било што го оштетува ткивото. Импулсите се испраќаат до ‘рбетниот мозок каде што се интерпретираат пред да стигнат до централниот нервен систем. Неопиоидните лекови ги блокираат овие импулси преку натриумовите канали, а со тоа го намалуваат ризикот од зависност“.

Кога лековите делуваат директно на мозокот, постои поголема веројатност за зависност поради хаосот што го создаваат во хемиското функционирање на мозокот. Ова е причината зошто фармацевтската индустрија се повеќе се префрла на неопиоидни лекови.

„Ги видовме ужасните резултати од прекумерната употреба на опиоидни аналгетици, вклучувајќи над 100.000 смртни случаи од предозирање годишно во Америка поради прекумерна употреба на овие лекови, фалсификувани или редовни. Зависноста од опиоидни лекови може да го уништи животот на една личност.

Подготвено од М.Д.

About Author