
28.03.2025 Скопје
И додека се знае дека некои пијалоци негативно влијаат на здравјето на мозокот, новото истражување сугерира дека кефирот – ферментиран млечен напиток богат со пробиотици – може да има спротивен ефект. Се произведува со ферментирање на млеко со помош на зрна кефир, содржи корисни бактерии и квасци, а се разликува од јогуртот по состав и конзистентност. Поради освежителниот вкус и нутритивниот состав се повеќе се консумира како функционална храна.
Покрај пробиотиците, кефирот содржи калциум, фолна киселина, фосфор, протеини, рибофлавин и витамин Б12, а особено е корисен затоа што природно има малку лактоза, што го прави поднослив дури и за луѓе со нетолеранција на лактоза.
Неговите позитивни ефекти врз мозокот се поврзани со оската црева и мозок – здравјето на дигестивниот систем влијае на циркулацијата, имунитетот, апсорпцијата на хранливи материи и воспалителните процеси во телото. Покрај тоа, кефирот има антиоксидантни својства кои помагаат во намалување на оксидативниот стрес, што дополнително придонесува за заштита на мозокот.
Со анализа на шест студии на животни и една мала студија на луѓе, научниците ги утврдија потенцијалните придобивки од кефирот за когнитивната функција. Во таа единствена студија, 13 учесници со Алцхајмерова болест покажаа подобрувања во меморијата, моторните вештини и целокупната когнитивна функција.
Резултатите покажаа 28 проценти подобри резултати на испитот за мини ментална состојба (MMSE), 66 проценти подобрување во тестовите за моментална меморија и 62 проценти во тестовите за одложена меморија.
Сепак, експертите нагласуваат дека примерокот е премногу мал за да се извлечат цврсти заклучоци. Луѓето со напредната болест не покажаа значителни подобрувања, а потребни се повеќе човечки истражувања за да се потврди влијанието на кефирот врз Алцхајмеровата болест, деменцијата и здравјето на мозокот воопшто.
Доколку размислувате да го внесете во исхраната, се препорачува да се консултирате со лекар. Покрај кефирот, други ферментирани намирници како јогурт, кисела зелка, мисо паста или комбуха можат да придонесат за здравјето на цревата и мозокот.
Подготвено од М.Д.