PARI 5

24.03.2025 Скопје

Извршителите минатата година од државата како должник наплатиле рекордни 31,5 милиони евра , без да се наведе колку од оваа сума е за основен долг, колку за камати и колку за награда, пишува во извештајот на комората за 2024. Од самите граѓани одземени се највисоки досега 47 милиони евра.

„Според структура на должници, извршителите во 2024 година наплатиле најмногу парични средства од должници правни лица, поточно 84.334.575 евра, потоа од физички лица износ од 46.933.986 евра и крајно од Република Северна Македонија износ од 31.495.995 евра“, објави Комората на извршители на РСМ.

Наплатата од државата и од физичките лица е рекордна во однос на претходните години. Од државата со своите министерства, општини и други управни тела биле извршени два милиони евра повеќе од 2023 – инаку претходно најдобра година за извршителите. Кај поединците – физички лица канцелариите на извршителите биле најефикасни и наплатиле повеќе од пет милиони евра разлика од една година претходно во 2023, која инаку исто така досега беше најуспешна за нив.

Вкупната сума на извршување од 160 милиони евра е втора најдобра година за извршителите, по онаа во 2017 кога биле наплатени 166,2 милиони евра.

Рекорден е и бројот на извршени пријави во текот на минатата година – 73.795. Тоа е огромна разлика во однос на претходната 2023 како најуспешна година со 64.010 извршени решенија.

„Споредбено по години, во бројот на реализирани извршни исправи од страна на извршителите во 2024 година се забележува зголемување, па во оваа извештајна година реализирани се вкупно 73.795 извршни исправи“, мконстатира комората.

Интересно е тоа што минатата година биле наплатени рекордни 33,34 милиони евра во име на физички лица како доверители, така што и во оваа категорија границите се поместени.

„Врз основа на добиените податоци од кварталните извештаи за 2024 година, според структура на доверители, извршителите во полза на државата наплатиле вкупен износ од 2.074.369 евра. Воедно, во истиот период, назад во стопанството се влезени вкупно 127.382.932 евра, благодарение на реализацијата од страна на извршителите во РСМ, додека пак во полза на физичките лица – доверители реализирани се 33.340.049 евра“, забележуваат извршителите.

Бројот на извршителски канцеларии останал ист како и претходната година со 83 извршители.

Подготвено од М.Д.

About Author