
12.03.2025 Скопје
Собранието на седница со 73 гласа изгласа недоверба на членот на Судскиот Совет Тања Чачарова Илиевска. Со 75 гласа пак, Собранието изгласа недоверба и на членот на Судскиот Совет Миљазим Мустафа. Со ова заврши собраниска седница на која претходно им беше изгласана недоверба и на Павлина Црвенковска, Селим Адеми и Весна Дамева. Изгласувањето на интерпелациите не значи оставки за овие пет члена на Судскиот совет.
Зад иницијативата за интерпелациии, поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство, но за заминувањето од функциите на петте члена на Судскиот совет ќе треба да одлучат самите, а така налага и Законот за Судски совет.
Собранието констатира дека Чачарова Илиевска и Миљазим Мустафа имале значителен придонес во загрозување на независноста, професионалноста и угледот на судството и судиите и придонеле за падот на довербата на граѓаните кон судството. Воедно, се наведува дека овие членови ја занемариле и не ја извршувале својата функција во работата на Советот, а поради изгласаната недоверба, тие го губат легитимитетот да учествуваат и одлучуваат во работата на Судски совет.
Според пратеникот Бобан Карапејовски, самиот состав на Судскиот Совет е „изваден од партиските штабови“.
Кога ја избирале Тања Чачорова Илиевска, предлогот е потпишан од претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, тогаш, Костадин Костадинов, омилениот градоначалник на семејството Заеви. Познатиот правник бил адвокат, потоа бил посебен советник за правда во канцеларијата на претседателот на Владата. Толку за неполитизираноста на Судскиот совет, рече Карапејовски.
Подготвено од М.Д.