
29.03.2025 Скопје
Евроамбасадорот Михалис Рокас вчера ја истакна позицијата на Европската Унија во врска со интерпелацијата на членови на Судскиот совет, разрешувањето на државниот обвинител Љупчо Коцевски и борбата против корупцијата. Рокас вели дека препораките на групата експерти мора да се следат и спроведат, бидејќи тие се дел од стандардите на ЕУ за владеење на правото и најдобрите европски практики. Тој посочи дека ЕУ одблизу ги следи случувањата со разрешувањето на Коцевски и нагласи дека е значајно на судството да му се дадат доволни услови за да ја сработи својата работа.
Во врска со интерпелацијата на членови на Судскиот совет, евроамбасадорот Рокас нагласи дека оние кои даваат легална основа за оставка се законите на државата и процесот кој треба да се следи. Тој додаде дека ЕУ дава повеќе препораки во годишниот извештај што го објавува секоја година во октомври за земјата, за процесот на проширување и механизмите за транспарентност.
„Ние сметаме дека овие препораки мора да ги следите, но, се разбира, како што кажавте, резултатите од интерпелациите немаат законска обврзница за оставки. Оние кои даваат легална основа за оставка се законите на државата и процесот кој треба да се следи, согласно најдобрите европски практики. Па тие интерпелации се прашање на загриженост за нас“, додаде Рокас
За разрешувањето на Љупчо Коцевски, Рокас истакна дека ЕУ одблизу ги следи случувањата и дека најважно е да се воспостави независно правосудство и јавно обвинителство.
„Очигледно ние сето ова одблизу го мониторираме и она што најмногу ни значи е да работиме напорно за воспоставување на независно правосудство и јавно обвинителство, како и совет на јавни обвинители кои можат да ги спроведат сите неопходни реформи внатре во системот. Сѐ се врти околу процесот, фер процес во судскиот систем, а не околу индивидуалните решенија“, рече Рокас, додавајќи дека е апсолутно неопходно да се воспостави систем во кој судството може да работи, но исто така и да избира и разрешува низ процедури кои не се подложни на никакви надворешни или политички влијанија.
Во однос на борбата против корупцијата, Рокас рече дека целата активност на Владата мора да се насочи таму и оти гледа дека некои случаи се отвораат, се истражуваат и се работи на тој план.
Нагласи дека е значајно на судството да му се дадат доволни услови за да ја сработи својата работа.
„Судовите, Јавното обвинителство, различните совети, мора да имаат средства и буџет за да работат без мешање и верувам дека ова е сфатено и дека владата работи на оваа цел“, заклучи Рокас.
Подготвено од М.Д.