
27.03.2025 Скопје
Германската влада во средата објави дека се противи на бојкот на американските производи, сигнализирајќи поддршка на повиците на извозниците и увозниците да стивнаттензиите во трансатлантските односи и да ги сочуваат добрите резултати во трансатлантската трговија.
Американскиот претседател Доналд Трамп поттикна контроверзии со царините за увоз од земји ширум светот, а Европската комисија веќе одлучи да возврати на истиот начин.
Брисел планира да воведе царини за американски стоки во вредност од 26 милијарди евра во април, возвраќајќи на американските царини за увоз на челик и алуминиум. Планот вклучува активирање на суспендираните од пред повеќе гоини царини за производи како бурбон виски, но и нови давачки за производи како други видови алкохолни пијалоци, како и шминка и етерични масла.
Одлуката ги вознемири европските производители на алкохолни пијалоци и козметика, а здружението за алкохолни пијалоци SpiritsEurope и француското козметичко здружение FEBEA предупредуваат дека овие европски сектори имаат голем трговски суфицит со САД и сега се соочуваат со „огромен ризик“ од реципрочни американски мерки.
Минатата година, ЕУ забележа трговски суфицит со САД од околу 197,6 милијарди евра, што е за 26 отсто поголем од 2023 година, според податоците на Европската статистичка служба од февруари.
Заладувањето на американско-европските односи во меѓувреме предизвика бран апели во Европа за замена на американските производи со домашни брендови по примерот на Канада, а форумот на социјалната мрежа Reddit „BuyFromEU“ привлече 189.000 членови кои разговараат за европските алтернативи.
Германија во средата соопшти дека се противи на бојкот на американските производи.
„Германската влада е заинтересирана за добри односи со САД, вклучително и во областа на трговијата, и правиме сѐ што можеме за да ги одржиме“, изјави за новинарите владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.
„Ни требаат помалку трговски бариери, а не повеќе. Од таа перспектива, ние не се согласуваме со таквите барања (за бојкот – з.р.)“, додаде портпаролот на владата во Берлин.
Германија забележа рекорден суфицит во трговската размена со САД минатата година, од 70 милијарди евра, покажуваат податоците на германскиот завод за статистика Destatis.
„Не треба дополнително да ја влошуваме веќе сложената ситуација. Наместо бојкоти, царини и контрацарини, треба да се стремиме кон дијалог со САД за трансатлантските трговски прашања во иднина“, вели Дирк Јандура, претседател на германската асоцијација на увозници и извозници BGA, во средата.
Бојкотот на американските производи би бил „погрешен одговор“ на политичките несогласувања и може да започне спирала, додава Јандура.
Германскиот министер за финансии Јоерг Кукиес оваа недела ќе отпатува за Вашингтон за да разговара со својот американски колега Скот Бесент.
Подготвено од М.Д.