
24.03.2025 Скопје
Горниот дом на германскиот парламент Бундесрат со двотретинско мнозинство ги одобри неопходните измени на Основниот закон, со што се овозможи планираното задолжување за одбраната и инфраструктурата.
Тоа беше последната парламентарна пречка за проектот, кој предвидува олабавување на „должничката кочница“, повеќе трошоци за одбраната и посебен фонд од 500 милијарди евра за инфраструктура и заштита на климата.
Двотретинското мнозинство во Бундесратот долго време се сметаше за неизвесно бидејќи не беше јасно како ќе гласаат владите на германските сојузни покраини, во кои членуваат претставници на Левица (Die Linke), ФДП, Слободните гласачи и Алијансата на Сара Вагенкнехт (BSW).
Конзервативните демохристијани (ЦДУ/ЦСУ) и социјалдемократите (СПД) претходно со двотретинско мнозинство ја одобрија реформата во долниот дом на германскиот парламент, Бундестагот, со помош на Зелените. Фаворитот за функцијата германски канцелар Фридрих Мерц во таа прилика изјави дека планираното зголемување на германските трошоци за одбрана и економски раст претставуваат пресвртница за европската безбедност.
„Со години живееме во лажно чувство на сигурност“, рече Мерц во обраќањето пред Бундестагот, додавајќи дека „повоената мировна дивиденда одамна е исцрпена“ и дека на Германија и е потребна целосна ревизија на нејзините одбранбени способности.
Тој нагласи дека одлуката за зајакнување на одбранбената готовност претставува „првиот голем чекор кон нова европска одбранбена заедница“ која би можела да вклучи и земји надвор од Европската унија.
Подготвено од М.Д.