
26.03.2025 Скопје
Европската комисија ги усвои првите 47 проекти за зајакнување на капацитетите на стратешките критични суровини од земјите на Европската унија, кои се однесуваат на 14 критични суровини како што се литиум, алуминиум, магнезиум, кобалт, бор, никел. Избраните проекти од земји кои не се членки на ЕУ ќе бидат објавени подоцна.
Проектната мапа вклучува 13 земји членки на Европската Унија, а во непосредна близина проектите се однесуваат само на соседните Романија и Грција. Други земји опфатени со планот се Белгија, Франција, Италија, Германија, Шпанија, Естонија, Чешка, Шведска, Финска, Португалија и Полска.
Со усвојувањето на овие проекти започнува имплементацијата на Законот за критични суровини, со кој се предвидува до 2030 година европското производство да ја задоволи европската побарувачка со 10 отсто екстракција, 40 отсто преработка и 25 отсто рециклирање на стратешките суровини.
Новите проекти вклучени во листата на стратешки внесуваат нова реалност во европската зелена и дигитална трансформација на економијата, но и го подигнуваат нивото на одбранбената и воздушната индустрија, што е особено истакнато во соопштението на Европската комисија.
Исто така, важно е да се нагласи дека проектите опфаќаат 14 од вкупно 17 стратешки суровини дефинирани со закон, а најголемиот број проекти, дури 22, се однесуваат на литиумот, кој станува најважна суровина за Европската Унија и за европскиот континент, кога се во прашање стратешките суровини.
Покрај литиумот, фокусот е и на никелот, кој е предмет на 12 проекти, кобалтот кој ќе се ископува во 10 проекти, како и графитот во 11 и манганот во 7 проекти, кои се однесуваат на најважните суровини за економски развој.
Она што е исто така забележливо е дека овие проекти на територијата на ЕУ беа избрани затоа што гарантираат сигурност во снабдувањето со стратешки суровини во ЕУ, но ги исполнуваат и еколошките, социјалните и владеачките критериуми, како и техничката изводливост. Посебно внимание се посветува и на фактот дека секој од проектите има прекугранични придобивки за ЕУ.
„На самиот почеток на нашите најстратешки синџири на снабдување се суровините. Тие се исто така суштински за декарбонизација на нашиот континент. Сепак, Европа во моментов зависи од трети земји за многу критични суровини што ѝ се најпотребни. Треба да го зголемиме сопственото производство, да го диверзифицираме нашето надворешно снабдување и да изградиме залихи како индустриска сила“, рече извршниот потпретседател на ЕК за просперитет и индустриска стратегија, Стефан Сежурне за овие проекти.
Поддршка за стратешки проекти вредни 22,5 милијарди евра
Сите 47 проекти вклучени во оваа рунда на листата на стратешки ќе чинат 22,5 милијарди евра капитални инвестиции, а ќе бидат координирани од страна на ЕК, земјите-членки и финансиските институции на ЕУ, со особено внимание на областа на пристап до финансии и поврзување на добавувачите со клучните купувачи на овие производи.
Преку силна поддршка од ЕК, се предвидува полесен и подобар контакт со поедноставени процеси за издавање дозволи, како и зачувување на еколошките и социјалните стандарди на највисоко ниво.
Во моментов, издавањето дозволи може да трае од 5 до 10 години, а предвидено е за проектите за екстракција, процесот на издавање дозволи да не трае подолго од 27 месеци, а за проектите за преработка, рециклирање и замена да не трае подолго од 15 месеци.
Инаку, Сежурне објави и втор повик за нови кандидатури, што е можност за проекти кои овојпат не беа избрани.
„Како што знаете, меѓу пристигнатите 170 апликации, 49 дојдоа од земји надвор од Европската унија. Ќе ги претставам избраните проекти во наредните недели, така што тие нема да исчезнат од мапата. Сепак, една од нашите цели останува производството во Европа и можноста за диверзификација на нашите синџири на снабдување со цел да ја намалиме нашата 100% зависност од одредени суровини под 65% од нашата нова регулатива. Тоа ќе биде еден вид дополнителна можност за проекти кои овојпат не беа избрани, но кои јасно може да се вклопат во нашата стратегија“, рече тој.
Законот за критични суровини (CRMA) стапи на сила на 23 мај 2024 година, а ЕК веднаш повика за апликации од проекти кои сакаат да добијат Стратешки статус, со краен рок до 22 август 2024 година.
Комисијата, со поддршка од експерти, ги оцени пристигнатите апликации за да утврди дали ги исполнуваат критериумите за CRMA, а на 20 февруари 2025 и 12 март 2025 година, Комисијата, заедно со Комитетот за критични суровини (кој вклучува претставници на земјите-членки и Европскиот парламент), одобри листа од 47 стратешки проекти.
До Комисијата пристигнаа апликации и за проекти лоцирани во трети земји, а одлуката за нивно вклучување ќе биде донесена подоцна, додека новата рунда апликации за стратешки проекти треба да се отвори кон крајот на летото 2025 година.
Подготвено од М.Д.