Mihalis-Rokas

13.03.2025 Скопје

Амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, изјави дека постои интензивна дипломатска активност да се реши проблемот со Бугарија, внесувањето на Бугарите во Уставот и продолжување на преговорите со Унијата. Тој најави дека лидери на Европската Унија ќе го посетат Скопје во следните месеци. Според некои информации, се очекува претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, да дојдат во Скопје. Рокас изјавата ја даде по поставување камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин Маркова Нога.

„На ниво на ЕУ напорно работиме во тесна соработка со Владата на Република Северна Македонија да се надминат сите преостанати прашања пред да ги отвориме преговорите. Има интензивна дипломатска активност за решавање на ова прашање, високи претставници на ЕУ ќе го посетат Скопје во следниве два до три месеци и се надевам дека ќе можеме да продолжиме напред“, рече Рокас во одговор на новинарско прашање какво е расположението во ЕУ за потпишување изјава од страна на Европскиот совет, Европската комисија или од бугарска страна, за тоа дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде единствено билатерално прашање на нашиот пат кон ЕУ.

Во исто време, додаде Рокас, додека се работи на решавање на ова прашање, треба да се продолжат напорите за имплементирање на реформите што се наоѓаат во Реформската агенда, усвоена согласно Планот за раст за Западен Балкан.

На истото новинарско прашање, премиерот Христијан Мицкоски, имаше поинаков став. Тој рече дека досега слушнал многу изјави, но оти треба да се гледаат делата.

„Се сеќавам кога високи претставници на ЕУ, придружувани од високи претставници на други земји во светот, седеа пред мене и ми велеа – името е последната работа што треба да го направите. Нормално, ние и тогаш бевме против, но и тогаш им велев дека не ја говорат вистината и дека не е последната работа. Треба да видиме дела, а дела според мене претставуваат признавање на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница во Бугарија. Јасно и недвосмислено признавање на многувековниот македонски идентитет и јасно и недвосмислено признавање на многувековната македонска култура, традиција, обичаи, и јасно и недвосмислено признавање на македонскиот јазик кој е официјален јазик во ОН од 1945. Мораме да ги почитуваме принципите, во спротивно имаме сериозен проблем“, рече Мицкоски.

Известувачот на Европарламентот за земјава Томас Вајц, при посетата на Скопје на крајот на февруари, рече дека се потребни јасни изјави од ЕК, Советот на ЕУ и од Владата во Софија, како гаранции што земјава ги бара дека по усвојување на уставните амандмани нема да има нови непринципиелни вета од Бугарија.

Граничниот премин Маркова Нога – Герман е чекан со децении и претставува една од обврските од Преспанскиот договор. Маркова Нога е најјужната точка на РС Македонија.

Работите, вредни 2 милиони евра, се дел од финансиската програма „ЕУ за Преспа“, кој изнесува вкупно 21,5 милиони евра. Од нив, 18 милиони евра, односно 84% се обезбедени од Европската унија, а остатокот се од националниот буџет. „ЕУ за Преспа“ се спроведува преку 2 договори за придонес потпишани со УНДП. Опремата треба да ја испорача и инсталира националната царинска управа. Реконструкцијата на полициската зграда ќе биде покриена со дел од програмата Интеррег ИПА Грција –Република Северна Македонија финансирана од ЕУ (вкупно 7,73 милиони евра, вклучително 1,2 милиони евра од Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и 114.136 евра од општина Ресен) за финансирање на градежните работи од двете страни. Граничниот премин се очекува да биде отворен во 2028 година.

Во Општина Ресен се финансираат неколку проекти од ЕУ. Во Царев Двор основното училиште „Браќа Миладиновци“ ја зголемува својата енергетска ефикасност преку грант финансиран од ЕУ наречен „Зелениот дух на Преспа“. Подоцна, амбасадорот Рокас ќе ја посети црквата „Света Петка“ во Брајчино, каде фреските треба да се зачуваат во рамките на ACT4PRESPA, прекуграничен проект финансиран од ЕУ за заштита и конзервација на културното наследство во областа на Преспанското Езеро.

Подготвено од М.Д.

About Author