VESTACKA INTELIGENCIJA 2

29.03.2025 Скопје

Европската комисија усвои Работна програма за инструментот „Дигитална Европа“ за периодот 2025-2027 година, со која се предвидени 1,3 милијарди евра за поддршка на клучните технологии кои се од стратешка важност за иднината на Европа и за технолошкиот суверенитет на континентот.

Како што соопшти ЕК, Работната програма се фокусира на примената на вештачката интелигенција во бизнис секторот и јавната администрација, на зајакнување на кибер безбедноста и за зголемување на дигиталните вештини.

Се очекува во текот на следниот месец ЕК да почне со распишување на конкурси за користење средства од Програмата за конкретни проекти. Право на учество на конкурсите ќе имаат компании, јавната администрација и други субјекти од членките на ЕУ и ЕФТА, како и од трети земји опфатени со „Дигитална Европа“, меѓу кои е и РС  Македонија.

Клучните приоритети на Работната програма се насочени кон подобрување на достапноста на генеративните апликации за вештачка интелигенција, вклучително и во здравствениот сектор, како и кон поддршка на европските центри за дигитални иновации, што ќе им овозможи на компаниите и јавниот сектор пристап до техничка експертиза и тестирање, совети, обуки и вештини за усвојување на најновите технологии.

Дополнително се предвидува надградба на иницијатива „Дестинација Земја“, насочена кон изработка на дигитален модел на Земјата за поддршка на климатската адаптација и управувањето со ризици од катастрофи, потоа зајакнување на кибер безбедност, пред се на критичната инфраструктура, проширување на капацитетите за образование и обука за дигитални вештини, усвојување на регулативите за „паричникот за дигитален идентитет“ од страна на земјите членки, како и стимулирање на трансформацијата на јавниот сектор преку развој на ефикасни, висококвалитетни и интероперабилни дигитални јавни услуги.

Со Работната програма се предвидува и поттикнување на иновациите за развој на стратешки технологии, преку подобрување на можностите за пристап до јавно и приватно финансирање.

„Дигитална Европа“ има за цел финансирање на проекти насочени кон доближување на дигиталната технологија до бизнисите и граѓаните. Со својот буџет од 8,1 милијарди евра за периодот 2021-2027 година, „Дигитална Европа“,  се надоврзува на финансирањата преку другите иницијативи на ЕУ, како „Хоризонт Европа“, „ЕУ за Здравството“, „ИнвестЕУ“, „Поврзување на Европа“ или Механизмот за обнова и отпорност.

Подготвено од М.Д.

About Author