
11.03.2025 Скопје
Европскиот парламент ќе отвори канцеларија за Западен Балкан во Албанија за да го зајакне својот ангажман во регионот, „во контекст на засилени геополитички тензии и обновен моментум за проширување на Европската унија“, соопшти вечерва оваа институција.
Новата канцеларија на Европскиот парламент во Тирана ќе служи како клучна точка на контакт со националните парламенти, граѓанското општество и локалните партнери од Западен Балкан, се вели во соопштението.
Во него се наведува и дека „канцеларијата ќе ги промовира позициите и активностите на парламентот, особено во однос на пристапувањето во Европската унија и ќе ја поддржи демократијата и институционалните реформи во регионот“.
Таа ќе „помогне во подготовките за официјални посети на европските парламентарци и она што следува по тие посети, а истовремено ќе ја зајакне соработката со другите европски играчи на теренот и со меѓународните и граѓанските организации“, се вели во соопштението.
Подготвено од М.Д.