
28.03.2025 Скопје
За денес е закажана седница на Претседателството на Сојузот на синдикатите на РС Македонија на која ќе се разгледаат идните чекори што ќе се преземат во врска со минималната плата.
Според информации на ССМ, за тогаш е закажана и седница на Комисијата за репрезентативност, на која треба да се донесе одлука кој синдикат ќе добие репрезентативност за да може со него да се разговара и одлучува на седниците на Економскиот социјален совет, кое е трипартитно тело на власта, работодавците и на синдикатот. Изминативе години, на ЕСС се одлучуваше за висината на минималната плата.
Владата, во вторникот, без консултација со работниците, ја утврди минималната плата за 2025 година, која треба да биде зголемена во нето-износ за 1.800 денари и изнесува 24.379 денари во нето-износ, односно 36.037 денари во бруто-плата и која ќе се применува при исплата на платите почнувајќи од март 2025 година заклучно со платите за февруари 2026 година.
Според власта, одлуката е легитимна, бидејќи износот е утврден согласно со законските критериуми за минимална плата и дека може да се коригира таа ако репрезентативниот синдикат и работодавците се договорат понатаму за износот на минималецот.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, кој е дел од ССМ, Трпе Деаноски, во изјава за медиумите рече дека се незадоволни од ваквата одлука на Владата, ги повтори барањата за најниска плата од 500 евра и рече дека не отстапуваат од тоа.
Опозицијата ја оценува одлуката на Владата како „бедно покачување на минималната плата од само 1.800 денари“, во услови, како што вели, „на екстремно зголемување на цените на храната и на производите“.
Како пресметаа дека 1.800 денари им се доволни на работниците? Граѓаните секојдневно се борат да преживеат со високи цени, високи сметки, а со мизерни плати. Растот на трошоците за живот е сериозен притисок врз семејниот буџет и граѓаните едвај врзуваат крај со крај. Потрошувачката кошница во февруари 2025 достигна 63.773 денари. За над 100 евра е зголемена во споредба со лани. И со ова бедно зголемување, повторно не се доволни две минимални плати за да се покријат основните месечни трошоци на едно семејство – велат од СДСМ.
Тие прашуваат како е можно да не се предвидени пари за работниците во историски најголемиот буџет и потенцираат дека „има пари за папаја, манго, лосос, за приватни авиони и за непродуктивни трошења на Владата и на нејзините функционери“.
Подготвено од М.Д.