
07.03.2025 Скопје
Наредните денови Албанија ќе го блокира ТикТок поради загриженоста за безбедноста на децата, изјавија од кабинетот на премиерот Еди Рама. На крајот на декември, Рама ја најави едногодишната забрана, откако во ноември, 14-годишно момче беше убиено од друг ученик по расправија што ја имале на социјалните мрежи. На ТикТок притоа се појавија видеа во кои малолетници го бранат убиството.
„Ние кажуваме што правиме и го правиме она што го кажуваме“, објави Рама на Икс, потврдувајќи дека забраната сега ќе стапи во сила.
Одлуката за блокирање на апликацијата беше донесена по консултација со 65.000 родители и наставници. Според опозицијата, забраната е „злоупотреба на моќта за сузбивање на слободата на говорот во Албанија“.
Уште во декември, Рама рече дека на владата ќе ѝ требаат шест до осум недели за да ја спроведе забраната.
„Во меѓувреме, владата имаше многу позитивен дијалог со компанијата, која ќе дојде во Албанија за да демонстрира низа мерки за безбедност на децата, вклучително и во Албанија“, рече премиерот.
Неколку европски земји, како Франција, Германија и Белгија, воведоа ограничувања во користењето на социјалните мрежи за деца.
Подготвено од М.Д.