TRAMP MAKRON

11.02.2025 Скопје

Францускиот претседател Емануел Макрон како одговор на најавите на Доналд Трамп дека ќе и воведе царини на Европската унија, возврати со став дека Европа е сојузник на СAД. Макрон истакна дека „ако Америка сака Европа да биде ангажирана во поголеми инвестиции, безбедност и одбрана, не треба да им наштети на европските економии заканувајќи им се со царини“.

Моето прво прашање за САД е: Дали Европската унија е ваш проблем број еден? Не, не мислам така. Вашиот прв проблем е Кина. Второ, Европа ви е сојузник. Ако сакате Европа да биде ангажирана во поголеми инвестиции и безбедност и одбрана… не треба да им наштетувате на европските економии заканувајќи им се со царини – рече францускиот претседател.

Трамп го критикуваше трговскиот дефицит на САД со Европската унија, кој се зголеми за 26,9 милијарди долари на 235,6 милијарди долари во 2024 година, според податоците на американската влада.

Доналд Трамп објави дека ќе воведе царини од 25 отсто за целиот американски увоз на челик и алиминиум, што најмногу ќе ја погоди Канада. Трамп исто така најави дека оваа недела ќе воведе реципрочни царини за сите земји кои го царинат увозот од САД, но не прецизираше на кои земји ќе се однесува ова и дали ќе има исклучоци.

Ако ни наплатуваат, и ние ќе им наплатуваме. Тоа ќе биде добро за сите, вклучувајќи и други земји – кажа Трамп, додавајќи дека овие давачки речиси веднаш ќе стапат на сила.

Канада е најголемиот снабдувач на САД со алиминиум и заедно со Мексико, еден од нивните најголеми трговски партнери за челикот. Во својот прв мандат, Трамп воведе царини од 25 отсто за увозот на челик и царини од 10 проценти за увозот на алиминиум од Канада, Мексико и Европска Унија.

Ќе им воведеме царини на сите за челикот и алиминиумот – рече Трамп.

Австралискиот премиер Ентони Албаниз изјави дека неговата влада ќе се обиде да се договори со САД со цел Австралија да биде исклучена од царините.

Царините се централен дел од економската визија на Трамп, кој ги смета за начин на раст на американската економија и заштита на работни места. Тој претходно ги одложи новите царини од 25% за Канада и Мексико на еден месец, но воведе царини од 10% за Кина, која возврати со иста мерка, што стапува на сила денеска.

Според владата и Американскиот институт за железо и челик, најголеми добавувачи на челик се Канада, Бразил и Мексико, а потоа следат Јужна Кореја и Виетнам. Канада е убедливо најголемиот снабдувач на примарен алуминиум во САД, со 79 отсто од вкупниот увоз во првите единаесет месеци од 2024 година. Мексико е главен снабдувач на отпад од алуминиум и алуминиумски легури. Извори од канадската влада веќе соопштија дека Отава нема да одговори на најавата на Трамп за царини за челик и алуминиум додека не добие повеќе информации или не добие писмено известување од Трамп.

Подготвено од М.Д.

About Author