PROTESTI SRBIJA

21.02.2025 Скопје

Претставниците на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) денеска изразија загриженост поради „бранот масовни и легитимни“ протести во Србија, повикувајќи ги властите да се вклучат во „конструктивен и инклузивен дијалог“.

„Во овој нестабилен политички контекст, конструктивниот и инклузивен дијалог е единственото соодветно решение за смирување на тензиите“, рекоа парламентарците Аксел Шефер од Германија и Викторија Тиблом од Шведска, одговорна за следење на Србија во ПССЕ.

Во заедничката изјава тие ја повикуваат српската влада „да ги преземе сите неопходни мерки“ за да одговори на „легитимните барања на демонстрантите“ и да „избегне насилство“.

„Посебно сме загрижени за случаите на насилство врз демонстрантите од страна на полицијата или приватните актери, како и инцидентите предизвикани од недоволната заштита на јавните собири“, се додава во соопштението, во кое се повикува на брза истрага.

Пратениците ги осудија „влошените работни услови за невладините организации и бранителите на човековите права“ во Србија и ги споменаа извештаите за „кампањи на клевета и заплашување против нив од страна на властите“.

„Ги повикуваме српските власти да престанат со произволните практики и да ги почитуваат нивните меѓународни обврски за човекови права“, се додава во соопштението.

Подготвено од М.Д.

About Author