
11.02.2025 Скопје
Новата бугарска Влада соопшти дека одбива да преговара со Република Северна Македонија за олабавување на условите под кои Скопје може да ги започне преговорите за членство во ЕУ.
„Пред три години, Бугарија и Република Северна Македонија постигнаа договор, со посредство на Франција, за меѓусебни отстапки за деблокирање на процесот за европска интеграција на Западниот Балкан. Владата во Скопје се согласи да го вклучи бугарското малцинство во својот Устав, а властите во Софија ветија дека ќе го укинат ветото за почеток на преговорите со Република Северна Македонија“, се потсетува во текстот објавен денеска.
Авторот на написот натаму наведува дека лани дојде до промена на власта во Скопје и дека новата Влада предводена од Христијан Мицкоски ветила дека „нема да направи отстапки кон Софија“.
Мицкоски вели дека се чека на избор на редовна влада во Софија за да почнат преговори за укинување на бугарското вето, но посочува дека првите сигнали од бугарска страна се дека нема да има обнова на дијалогот.
„Бугарија потсетува дека вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот на Република Северна Македонија не е билатерален проблем, туку е услов на Брисел кон Скопје“.
Во текстот се пренесува и изјава на неименуван бугарски министер дека Бугарија останува „исклучително доследна“ на нејзината политика кон Западниот Балкан и на европската интеграција на сите земји од регионот.
Тоа што е постигнато како договор не е билатерален проблем меѓу Софија и Скопје, тоа е меѓу Брисел и нашите соседи од Република Северна Македонија, вели министерот.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да инсистира уставните измени да бидат усвоени сега, но да стапат во сила по влезот на Република Северна Македонија во ЕУ за да се спречи ризикот Бугарија да стави ново вето по други основи, како и дека премиерот Мицкоски веќе побара средби со претставници на бугарската Влада.
Треба да изградиме добрососедски односи, но тоа не значи дека се согласуваме за некои теми за кои имаме разлики, изјави премиерот Мицкоски.
Подготвено од М.Д.