SHUGA

19.02.2025 Скопје

Шугата, заразно паразитско заболување кое предизвикува интензивен осип и чешање, повторно станува актуелна тема во РС Македонија. Во последниот период, во основното училиште во селото Романовце беше потврден случај на шуга кај ученик, а тројца други се суспектни.

Пред овој случај, во телефонски разговор со директор на една од скопските клиники, беше потврдена информацијата дека двајца постари пациенти, префрлени од домови за стари лица на таа клиника, исто така биле дијагностицирани со ова заболување.

Овие случаи отвораат прашања за ширењето на шугата во различни средини – од образовните институции до грижата за старите лица – и ја наметнуваат потребата од итни превентивни мерки и подигнување на свеста за ова занемарено, но заразно заболување.

Според податоците на Институтот за јавно здравје, во текот на 2024 година во РС Македонија се регистрирани 493 заболени лица, што претставува зголемување од 46,3 отсто во однос на 2023 година, кога биле евидентирани 337 случаи. Трендот на пораст сугерира дека шугата останува присутен јавно-здравствен проблем, особено во заедници каде што условите за превенција се ограничени.

„Шугата главно се појавува во социјално загрозени групи, како и во институции со повисок ризик за пренос, како што се училишта, домови за стари лица и други колективни средини. Ние како Институт за јавно здравје сме посветени на превенција, рано откривање и едукација за оваа болест“, се наведува во извештајот на ИЈЗ.

Во 2024 година, најголем број случаи се регистрирани во Скопје (182), Куманово (108) и Гостивар (101), додека во јануари 2025 година, 28 нови случаи биле пријавени низ државата, од кои 16 во Скопје. Иако овие случаи не се поврзани меѓусебно и не се смета дека болеста се шири во епидемиска форма, алармантен е континуираниот пораст на бројот на заболени.

Иако шугата не е ново заболување, таа и понатаму претставува здравствен предизвик. Освен зголемениот број случаи во изминатите години, дерматолозите предупредуваат дека ова паразитско заболување често се јавува во форма на миниепидемии во рамки на исто семејство. Најчеста причина за тоа е начинот на пренесување – преку директен контакт, споделување на постелнина или користење на исти предмети. Ако не се преземат соодветни мерки за дезинфекција, паразитот може да остане присутен во околината и да предизвика нови инфекции.

Шугата е заболување кое се шири брзо, особено во средини каде што повеќе лица делат заеднички простор и постелнина. Пред повеќе години, во нашата земја беа регистрирани и миниепидемии, најчесто во рамки на исто семејство, каде што паразитот постојано циркулира од еден до друг член. Дури и кога еден член ќе се излечи, ако просторот не е целосно дезинфициран, постои голем ризик за реинфекција. Најуспешен третман за шугата е антипаразитскиот лек ивермектин, кој за жал во моментот е дефицитарен. Алтернатива е перметринот, но она што е клучно е пациентите доследно да ја следат терапијата и истовремено да преземат соодветни хигиенски мерки за да спречат повторна инфекција“, велат од Клиниката за кожни болести.

Симптомите на шугата може да се јават 4 до 6 недели по инфекцијата. Најчесто се манифестираат како:

Силно чешање, кое е најинтензивно ноќе.

Најчеста локализација на промените се вдлабнатините (браздите) помеѓу прстите на рацете и нозете, свивките на лактите, предните набори на пазувите, папокот, половината и регионот на препоните. Грбот е ретко зафатен, а главата и тилот обично не се зафатени.

Важни дијагностички знаци се скабиозните канали, на чиј крај може да се види црна точка. Исто така можат да се забележат и други кожни промени по телото, од типот на макули и папули. Во почетокот на болеста постојат скудни кожни промени, но пациентот е заразен за околината. Со развојот на алергијата, се засилува и јадежот.

Кај малите деца, осипот може да се јави и на дланките, стапалата и скалпот.

Кај лицата со послаб имунитет, особено кај хронично болните и лицата со ХИВ, може да се развие крустозна шуга. Ова е сериозна форма која предизвикува суви, лушпести области на кожата, со илјадници до милиони грини. Оваа форма е високо заразна и бара интензивен третман.

Како се пренесува шугата?

Шугата се пренесува преку директен близок физички контакт кожа на кожа со заразено лице (заедничко живеење, спиење, многу често при кампувања и кај лица кои живеат во лоши хигиенски услови). Ризикот е особено висок во домови, училишта, болници или бегалски кампови. Пренос преку облека или постелнина е поредок, но сепак можен. Важно е да се напомене дека заразеното лице може да ја пренесе болеста дури и пред да развие симптоми, што ја прави шугата предизвик за контрола.

Компликации на шугата

Освен непријатноста од чешањето, шугата може да предизвика сериозни компликации. Долготрајното чешање и оштетувањето на кожата создаваат услови за бактериски инфекции, како импетиго, кои може да преминат во сепса – состојба опасна по живот. Во тропските области, шугата често е поврзана со акутни и хронични заболувања на бубрезите и срцето, како што се пост-стрептококен гломерулонефритис и ревматски срцеви заболувања.

Подготвено од М.Д.

About Author