hristijan-mickoski-

14.02.2025 Скопје

Преку Германија и САД, премиерот на РС Македонија, Христијан Мицкоски, од денес тргнува во уште еден обид за претставување на македонските напори на патот кон ЕУ и потребата Унијата повеќе да се заложи за македонските интеграции и уважување на досегашните напори.

Премиерот Мицкоски од денес ќе предводи владина делегација која ќе учествува на Минхенската безбедносна конференција каде се собираат политичките лидери од светот во пресрет на актуелните прашања поврзани со украинско-рускиот спор, прашањата со безбедносната политика на НАТО и пристапниот дијалог со ЕУ.

Сите се во очекување дали пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Русија и Украина, Кит Келог, ќе го претстави својот долгоочекуван мировен план во главниот град на германската покраина Баварија.

Во Минхен Мицкоски ќе биде говорник и ќе земе учество на финалниот настан од затворањето на безбедносната конференција посветена на ЕУ пристапните преговори на Западниот Балкан, како и на панел дискусијата на Форин полиси каде ќе говори за геополитиката, енергетската сигурност и улогата во промените на глобално ниво.

Оваа прилика ќе биде искористена за претставување на македонските напори на патот кон ЕУ и потребата Унијата повеќе да се заложи за македонските интеграции и уважување на досегашните напори.

Воедно се очекуваат и повеќе билатерални средби со претставници на ЕУ и негови колеги од регионот.

По завршувањето на конференцијата Мицкоски ќе отпатува за Вашингтон каде втор пат за кус период ќе учествува на настан на Американската конзервативна партија, поточно ЦПАЦ што е најголем собир на конзервативците.

Подготвено од М.Д.

About Author