
20.02.2025 Скопје
Славниот шпански тенор и диригент Пласидо Доминго на 14 март 2025 година ќе одржи концерт во арената „Борис Трајковски“ со почеток во 21 часот. Со него ќе настапи и Марија Хозе Сири, една од водечките сопрани во светот, заедно со оркестарот на Македонската опера и балет. Диригент ќе биде Жорди Бернасер од Шпанија.
Директорот на Македонската опера и балет Оливер Арсовски на денешната прес-конференција нагласи дека овој концерт е шанса за позиционирање на државата на светската сцена. Овој концерт го организира Македонската опера и балет со Прагма продукција.
Доминго има кариера долга 50 години и има заслуги за светската оперска уметност. Досега имал повеќе од 150 солистички улоги, повеќе од 4.400 настапи и повеќе од 600 настапи како диригент. Доминго е едно од најпочитуваните имиња во класичната музика, освојувајќи безброј признанија, вклучително и 12 „Греми“ награди. Доминго бил член на Тројцата тенори, режисер, диригент, почесен уметнички директор на Стогодишниот фестивал Арена ди Верона и генерален директор на Операта во Лос Анџелес и Националната опера во Вашингтон.
Марија Хозе Сири е драмски сопран број еден во светот. Имала повеќе од 150 настапи, а во 2010 година настапила на Мајските оперски вечери.
Концертот ќе го диригира шпанскиот диригент Жорди Бернасер, кој од 2012 година соработува со Пласидо Доминго. Тој е еден од врвните шпански диригенти.
Оперскиот концерт ќе има два дела. Првиот дел ќе биде со дела од италијанската музичка литература, а во вториот дел ќе биде проткаен со шпанското музичко творештво и со неколку арии од оперетите на Штраус и Лехар
Генерален спонзор на концертот е компанијата Алкалоид.
Преку видео се обрати и Доминго, кој изразизадоволство што ќе настапи во РС Македонија. Најави дека концертот и неговата програма ќе разбудат радост, емоции и смеа кои публиката долго ќе го памети.
Маестро Пласидо Доминго ќе пристигне во Скопје неколку дена пред концертот, на 11 март, по што ќе има две проби со Оркестарот и со Хорот на Операта. Генералната проба ќе биде во арената „Борис Трајковски“.
Билетите повеќе од три месеци се во продажба и во соседните земји, со цена од 2.000 до 5.000 денари. Досега повеќе од 500 билети се продадени во Бугарија..
Подготвено од М.Д.