
26.02.2025 Скопје
Непозната болест уби повеќе од 50 луѓе во Демократска Република Конго (ДРК), наведуваат лекарите во земјата и светските здравствени власти. Во повеќето случаи, оние што се разболеле биле мртви околу 48 часа по почетокот на симптомите.
Интервалот помеѓу почетокот на симптомите и смртта е 48 часа во повеќето случаи и „тоа е навистина загрижувачки“, изјави Серж Нгалебато, медицински директор на болницата Бикоро, регионален центар за мониторинг.
Последната епидемија на болеста во северозападниот дел на централноафриканската земја започна на 21 јануари. Оттогаш, регистрирани се 419 случаи, вклучувајќи 53 смртни случаи.
Според канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) за Африка, првата епидемија во градот Болоко започнала откако три деца изеле лилјак и починале во рок од 48 часа, по симптоми на хеморагична треска.
Долго време постои загриженост за болести кои преминуваат од животни на луѓе на места каде што дивите животни популарно се јадат.
Наплив на епидемии
Бројот на вакви епидемии во Африка се зголеми за повеќе од 60 отсто во последната деценија, соопшти СЗО во 2022 година.
Втората епидемија на непознатата болест започна во градот Бомате на 9 февруари. Примероците од 13 случаи се испратени на тестирање во Националниот институт за биомедицински истражувања во главниот град Киншаса, соопшти СЗО.
Минатата година, уште една мистериозна болест слична на грип, која уби десетици луѓе во друг дел на ДРК, беше утврдено дека најверојатно е тешка маларија.
Земјата, исто така, се бори со избувнување на мајмунските сипаници и тековен конфликт со бунтовниците поддржани од Руанда.
Подготвено од М.Д.