
26.02.2025 Скопје
Пензионерите наскоро со нов раст на пензиите. Ветените 2,500 денари зголемување на пензиите за сите пензионери како во септември, така и во март ќе се реализираат со законско решение.
Со законски измени кои се доставени веќе во Собранието се предлага нов, или втор раст на пензиите во износ од 2.500 денари од 1 март 2025 година.
Во РС Македонија задолжителното пензиско и инвалидското осигурување како област е уредено со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кој ја уредува методологијата на усогласување на пензијата. Член 18 став (3) ја става вон сила системската одредба од Законот во периодот од 1 септември 2024 година до 31 август 2025 година. Во овој период пензиите се зголемуваат во фиксен износ од 2.500 денари на 1 септември 2024 година и 1 март 2025 година – се наведува во предлог измените.
Во законот исто така е посочено дека и понатаму останува претходно донесеното решение за усогласување на пензијата, и тоа врз основа на формулата 50/50, односно според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 проценти и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во РС Македонија исто така во висина од 50 отсто.
Растот од 2,500 денари е вонреден раст, кој отстапува од ова правило.
Во документот доставен во Собранието исто така се посочува дека со измените се доуредуваат условите за именување на директорот, односно заменик директорот на Фондот за здравствено и пензиско осгирување. Со новините се предвидува директорите да поседуваат уверение или потврда со кои се докажува познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија.
-За директор, односно заменик директор на Фондот се именува физичко лице, државјанин на РС Македонија, со високо образование и пет години работно искуство од областа на правото, финансиите, економијата и пензиското осигурување. Треба да понуди најквалитетна програма за работа на Фондот, и да поседува еден од меѓународно признатите сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години – се посочува во законот доставен до пратениците.
Меѓу другото во законот се посочува дека зголемувањето на пензиите ќе важи за пензионери кои живеаат во РС Македонија.
Зголемување на пензијата согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка, се предлага да се врши на корисници на пензија на кои пензијата им се исплаќа во Република Северна Македонија – стои во законското решение.
Подготвено од М.Д.