ONKOLOGIJA SKOPJE

25.02.2025 Скопје

Нема крај на контрадикторностите за Клиниката за онкологија. Од една страна пофалби дека дури по осум години конечно проработе акцелераторот за онколошките пациенти, а од друга страна тврдења дека Клиниката се распаѓа пред очите на пациентите и медицинскиот персонал.

Од свои извори директно од Клиниката, се дознава дека најголемата кочница во моментов за оваа единствена здравствена институција во земјава за сите пациенти кои се борат со најтешките болести е Министерството за финансии.

Министерството за финансии не дава пари, однсоно одобрение за нови вработувања до крајот на март, иако претходно на 21 вработен им биле раскинати договорите на дело. Ова го тврдат и самите пациенти, кои велат дека медицинскиот кадар кој е останат таму прави натчовечки напори да им ја обезбеди сета потребна медицинска помош.

Министерството за здравство, повикувајќи се на Клиниката за онкологија, посочува дека се работи на обезбедување персонал.

Од Клината за онкологоја информираат дека се невистинити тврдењата дека заминале медицински сестри. Нема заминато медицински сестри заради нерегулиран статус.

Во соработка со сите надлежни институции работиме интензивно на обезбедување на кадар, чиј статус за жал не бил решен долги години иако токму на оваа Клиника здравствениот персонал дава натчовечки напори за зголемениот број на пациенти.

И не само во оваа установа, туку паралелно во сите установи се работи на решавање на овој долгогодишен проблем, вклучувајќи го и решавањето на статусот на вработените, а паралелно и за Клиника за онкологија предвидено е вработување на 4 приватни специјализанти со што ќе се зајакне специјалистичкиот кадар.

Пред пациентите да влезат во Клиниката, почнува првата борба – пронаоѓање паркинг. Луѓето кои доаѓаат на зрачење или терапија, веќе изнемоштени од болеста, често се принудени да одат пеш или да ги носат најблиските на раце, бидејќи нема доволно простор за паркирање.

„Прво бараш каде да се паркираш, па потоа бараш количка за да го однесеш болниот внатре. Ако немаш своја количка, чекаш и по половина час, ако воопшто се најде слободна“.

Кога конечно ќе стигнат до одделението, чекањето продолжува. Болниот организам мора да издржи часови додека дојде на ред, бидејќи медицинскиот персонал работи на граница на издржливост.

„Во вакви услови функционира единствената институција во државата каде пациентите заболени од рак ја добиваат неопходната терапија. Незамисливо е во земја со над два милиони жители да постои само еден ваков центар, а истовремено Клиниката да се соочува со недостиг на кадар, немање основни услови и административни блокади кои ја влошуваат состојбата“.

„За жал ова е долгогодишен проблем и многу години се разговара на темата децентрализација, но за жал видливи резултати нема. Министерството отпочна процедура  за децентрализација на Клиниката за онкологија. Работиме интензивно дел од терапијата да се издава во ГОБ “8 Септември”, а се преземаат активности тоа да се случува и во Тетово, во Штип, во Битола. Има сеопфатна стратегија за доекипирање на потолошки лаборатории, надвор од Скопје, како и зголемување на капацитетот на ПЕТ-скен.Во однос на терапевтскиот дел зголемен е буџетот за 40-50 % за Клиниката. Се размислува и за новини во организацискиот дел во самата Клиника и здраствевниот персонал го дава максимумот за овие  пациенти. Се работи на нов план за унапредување на дијагностика за онколошките пациенти, паралелно со зголемување на буџетот за терапијата. Клиниката работи на надградба на регистарот на пациенти, кој е првиот чекор.

Клиниката за онкологија е иста како и пред децении и инфраструктурно и со човечки капацитети и се прават напори за подобрување на состојбатан со оглед дека низ годините проблемот растел, а капацитетот останува ист, се бара начин за евентуално да се искористат капацитетите од другите Универзитетски клиники.

Конкретно во ПЕТ центарот, со динамичен план намалени се листите на чекање двојно од страна на новото раководство на УИ за ПЕТ. Сепак, во конкретниот случај, со ПЕТ скенерот, десет години не беа сменети хепа филтрите во ПЕТ-центарот. Заради нивна презаситеност и затекната нарачка на погрешни филтри, мораше да се набават соодветни со што процесот во одделот за производство на радиоизотопи и синтеза на радиофармацевтици ќе тече непречено. Истовремено се спроведуваат активности за тука да се отпочне со нова процедура. Од  понеделник продолжува со работа ПЕТ центарот со уште подинамично темпо за да се намалуваат дополнително листите на чекање. Исто така, рабитиме на зголемување на капацитетот на ПЕТ скен, од 2000 пет скена, веќе е зголемен капацитетот на 3000 годишно, велат оттаму.

Последниве денови во фокусот на вниманието е и КАРИЛ. Ова е единствениот центар во земјава за интензивна нега од највисоко ниво, што значи дека сите критични пациенти мора да се транспортираат таму, без разлика од каде доаѓаат. Прашањето се актуелизираше откако КАРИЛ почна да се реновира, а пред десеттина дена болниците од внатрешноста добиле допис од Министерствот за здравство да не праќаат пациенти на КАРИЛ.

Завчера пак, ресорното министерство информираше дека реновирањето на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) е важен проект кој има за цел да го зголеми капацитетот и квалитетот на услугите кои се нудат на пациентите.

„Министерството за здравство активно работи на пренасочување на пациентите кои имаат потреба од интензивна нега во други високо специјализирани здравствени установи, како што се ГОБ ,,8 Септември”, Хируршката клиника ,,Св. Наум Охридски” и Клиниката за неврохирургија. Овие мерки ќе осигураат дека пациентите ќе добијат најдобра можна грижа без никакво намалување на квалитетот на услугите. Проектот на реновирање е целосно во согласност со планот за модернизација на здравствените капацитети, кој има за цел да ја зголеми ефикасноста на здравствениот систем во долг рок. Министерството за здравство ги има во предвид сите потреби на пациентите и продолжува да се грижи за нивната здравствена безбедност во текот на овој процес.

Сепак, проблемот станува уште позабележителен ако се земе предвид дека огромен број болници во внатрешноста немаат одделенија за интензивна нега. Ова значи дека пациентите со тешки состојби, како што се политрауми од сообраќајни несреќи или други критични случаи, мора да се транспортираат до Скопје.

„Во нашата болница немаме можност да третираме тешки случаи. Имаме ограничена опрема и минимален персонал. Ако дојде пациент со повеќе повреди или критична состојба, единствената опција е да го испратиме во Скопје, но тоа не е секогаш можно поради времето и ризикот од транспортот,“ објаснува директор на една болница од внатрешноста.

Зошто нема одделенија за интензивна нега во другите болници? Ова прашање останува без јасен одговор. Дали Министерството за финансии и тука е главната кочница, како што е случај со вработувањата на Онкологија? Додека надлежните ветуваат стратегии и планови за децентрализација, пациентите и медицинскиот персонал секојдневно се соочуваат со истата сурова реалност – борба за основни услови.

Подготвено од М.Д.

About Author