fotovoltaici

17.02.2025 Скопје

По скратена постапка пратениците во Собранието ги изгласаа измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање. Интервенции повторно се направени во законот, откако лани во август беа направени олеснувања на процедурите за изградба на улишта, болници, амбуланти, катни гаражи, а од предлагачот, Министерството за транспорт и врски беа убедени дека ќе се овозможи поефиканса реализација на капитални проекти и придвижување на економијата.

Подносители на измените се група пратеници кои во образложението наведуваат дека „условите за планирање на просторот важат согласно Просторниот план на Република Северна Македонија, а нема донесено друг, а тој пак, не кој соодветствува со фактичката ситуација, се појавува потребата за подобро регулирање на експанзијата на барањата, односно изработката на урбанистички планови и проекти за изградба на ветерници и фотоволтаици, а пред се поради затекнатата состојба со непочнувањето со изградба на овој вид на градби на државно земјиште, во која смисла се појавува потребата од ограничување на важењето на условите за планирање на просторот кои се однесуваат на изработка на планови и проекти за изградба на ветерници и фотоволтаици“.

Со овие законски измени пак, се стави во прашање пренамената на земјоделското земјиште во градежно, што според „02 Иницијатива“, сега  „плодното земјоделско земјиште кое е потребно да се заштити како извор на храна, не е заштитено од државата“.

Претходната Влада ветуваше заштита на ова земјиште од поставување на фотоволтаици, но не го направи тоа. Оваа Влада донесе измени на Законот за земјоделско земјиште кон крајот на октомври 2024 година, со кои се предвидува заштита на ова земјиште од пренамена во градежно, но веднаш во ноември ја одложи таа заштита до 1.1.2026 година, а може и подоцна, како тргнало со менување на роковите во закониве – сметаат од „02 Иницијатива“.

Понатаму од „О2 Иницијатива“ забележуваат дека со измените, еден урбанистички план и урбанистичко-планска документација за градежна парцела за која е добиена согласност за пренамена на земјоделско земјиште во градежно земјиште, а за кои не е обезбедено одобрение за градење и не се започнало со изградба на планираната градба до 4.12.2016 година , ќе важат доколку се обезбеди одобрение за градење до 18.2.2030 година, а сегашниот рок беше до 18.2.2025 година.

Наместо да се изврши ревизија на согласностите ако се дадени за плодно земјоделско земјиште, сега ќе важат овие застарени согласности до февруари 2030 година. План од 2009 година ќе може да добие одобрение за градење во февруари 2030 година – појаснуваат оттаму.

Со измените се брише делот каде се вели дека земјиштето опфатено со проектниот опфат на урбанистички проекти за поединечни градби и инфраструктури од државно и локално значење вон населени места и вон опфат на урбанистички планови на земјоделско, шумско и друго земјиште, крајбрежни појаси и други простори за коишто не постојат услови и/или економска оправданост за донесување на урбанистички план, а постои соодветен или некатегоризиран сообраќаен пристап, го задржува статусот на земјоделско, шумско или друго земјиште што го имало и пред одобрувањето на урбанистичкиот проект. Тоа, според „О2 Иницијатива“ значи дека земјоделското земјиште неповратно станува градежно земјиште.

Дополнително, законот оди ретроградно, што не би смеело, и вели дека ова земјиште од урбанистичките проекти одобрени до денот на влегувањето во сила на измените на законот, се смета за градежно земјиште.

Подготвено од М.Д.

About Author