
24.02.2025 Скопје
„G-Class“ е вистинска икона во гамата на „Mercedes“, и затоа е сосема изненадувачки што производителот на автомобили од Штутгарт сè уште не ја искористил својата популарност за да создаде нови модели.
Факт е дека има специјални изданија како „Maybach G650 Landaulet“, „4×4 Squared“ и „6×6“, но нема постојани дополнувања во палетата. Сепак, тоа ќе се промени со лансирањето на помала и поевтина алтернатива на сестраниот „SUV“.
Појавата на мала „G-Class“ ќе биде дел од „најголемата кампања за лансирање на нов производ досега“, објави „Mercedes“ во специјалното соопштение за печатот.
Всушност, уште во септември 2023-та година, германската марка претстави скица на она што извршниот директор на компанијата Ола Калениус го нарече „Little G“, ова се случи на саемот за автомобили IAA во Минхен. Тогаш големиот газда го нарече идниот модел „син или ќерка на иконскиот голем Џи“. Оригиналниот тизер на квадратен теренец исто така не откри ништо, бидејќи тој бел преглед лесно можеше да биде „Suzuki Jimny“. Идеално, „Mercedes“ би го повторил јапонскиот теренец, кој се продава во верзии со три и пет врати.
Производителот од Штутгарт сè уште молчи за сериското „Little G“, што покренува многу прашања. И тие не се толку поврзани со дизајнот, колку со тоа кои детали и системи ќе ги сподели новиот модел со оригиналниот „Geländewagen“. А главното е дали ќе биде на платформа или ќе се потпира на монокок каросерија, што во голема мера ги одредува и неговите off-road перформанси.
Пред две години, германскиот деловен весник „Handelsblatt“ објави дека малата „G-Class“ ќе биде механички поврзана со следната генерација на „CLA“ (А-класа), која ќе биде претставена следниот месец. Доколку ова се покаже како точно, „G-Class“ нема да биде на носечка рамка, што секако ќе ги разочара фановите. Врската со малиот седан на „Mercedes“ значи појава на хибридна верзија со 1,5-литарски 4-цилиндричен бензински мотор.
Треба да се напомене дека „Mercedes“ можеби нема да брза да лансира мала „G-Class“, бидејќи има доволно планирани премиери во наредните месеци. Покрај новиот „CLA“, ажурираната гама на компактни автомобили ќе вклучува замени за „CLA Shooting Brake“, „GLA/EQA“ и „GLB/EQB“. Повисоко во опсегот се електричните верзии на „C-Class“, „E-Class“ и „GLC“, а за следната година се планира и ажурирање на „S-Class“. Спортската дивизија „AMG“ подготвува и две целосно електрични возила.
Подготвено од М.Д.