
18.02.2025 Скопје
Технолошкиот гигант Мета ги објави плановите за изградба на подморски кабел долг 50.000 километри, кој ќе ги поврзува САД, Индија, Јужна Африка, Бразил и други региони. Проектот наречен Waterworth ќе биде најдолгиот подморски кабел во светот кога ќе биде завршен.
Мета, сопственик на Facebook, Instagram и WhatsApp, веќе некое време го шири своето влијание надвор од социјалните мрежи, особено во областите на вештачката интелигенција (AI) и дигиталната инфраструктура. Компанијата вели дека новиот кабел ќе овозможи супериорно поврзување помеѓу пет континенти и ќе игра клучна улога во развојот на нејзините проекти за вештачка интелигенција.
„Овој проект ќе овозможи поголема економска соработка, ќе поттикне дигитално вклучување и ќе отвори можности за технолошки развој во овие региони“, објави Мета.
Проектот Waterworth ќе користи систем со 24 влакна, што ќе му овозможи да има исклучително висок капацитет за пренос на податоци.
Подморските кабли се клучни за глобалната дигитална инфраструктура, овозможувајќи брз пренос на податоци и интернет услуги ширум светот.
Се проценува дека повеќе од 95% од глобалниот интернет сообраќај се пренесува преку подморнички кабли. Според истражувањето на TeleGeography, во моментов има повеќе од 600 познати подморнички кабелски системи.
Мета веќе учествува во проектот 2Africa, еден од најголемите подморски кабли во светот, кој поврзува три континенти и се протега на 45.000 километри. Покрај Мета, во финансирањето учествуваат и телекомуникациските гиганти како Оранж, Водафон и Чајна Мобајл.
Технолошките гиганти ја преземаат контролата врз мрежната инфраструктура
Зголемените инвестиции во подморските кабли укажуваат на растечката моќ на технолошките компании како Мета и Гугл, кои некогаш беа само даватели на дигитални услуги, но сега ја градат и контролираат основната интернет инфраструктура.
Минатата година Google го објави првиот подморски кабел меѓу Африка и Австралија и инвестиција од 1 милијарда долари во нови кабли во Тихиот Океан за да се подобри поврзувањето со Јапонија.
Експертот за телекомуникации Паоло Пескаторе додава дека Мета на тој начин ја зголемува контролата врз дигиталното поврзување.
„Ова ја демонстрира амбицијата на Мета да доминира во поврзувањето на корисниците, не само преку социјалните мрежи, туку и преку инфраструктурата што го овозможува интернетот“, рече Пескаторе.
Ризици и безбедност на подморските кабли
Поради зголемената зависност на светот од подморските кабли, постои зголемена загриженост за нивната ранливост на саботажа или несреќи. По серијата прекини на каблите во последниве години, експертите предупредуваат дека подморската инфраструктура стана нова арена за геополитички конфликти.
НАТО започна засилена мисија за набљудување на Балтичкото Море во јануари поради минатогодишното оштетување на клучните подводни кабли. Во ОК, парламентарна комисија неодамна објави истрага за отпорноста на земјата на можни напади врз подморската инфраструктура.
Во најавата за проектот „Вотерворт“, Мета нагласи дека кабелот ќе биде поставен на длабочина до 7.000 метри и дека ќе користи специјални техники за закопување во ризични области за да се избегне оштетување предизвикано од сидра на бродови и други опасности.
Професорот Ледонвирта смета дека Мета со овој проект ги заобиколува геополитички нестабилните региони, како Суецкиот канал и Јужното Кинеско Море, а во исто време го зајакнува американското присуство на глобалниот пазар.
„Поврзувањето на САД со клучните пазари на јужната хемисфера може да се смета за зајакнување на американското економско и инфраструктурно влијание во светот“, заклучи Ледонвирта.
Подготвено од М.Д.