
28.02.2025 Скопје
Маестро Симон Трпчески и неговите пријатели-музичари, со три часовен бесплатен концерт во НОБ, го промовираше новиот клавир „Feurich“- донација од бизнисменот Кочо Анѓушев, на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во соработка со австриската Амбасада и амбасадорот Мартин Памер.
Омилен на македонската публика, поради виртуозноста и патриотизмот, со својот говор и помно избраната програма ја разнежи скопската публика ( која се уште оди на концерти со вклучени мобилки) и уважените гости, почнувајќи од претседателката Силјановска-Давкова ( која упадна на сред концерт со пет телохранители), министри, бизнисмени и претставници на дипломатскиот кор.
Концертот почна со најсуптилна музика, Мазурката од Шопен и Соната во Е-мол од Моцарт, за да продолжи со звучниот раскош на други дела од Моцарт, од шпанскиот композитор Лало ( шпанската музика е омилена на ќерка му на Трпчески, за што беше посебно концентриран) , со Унгарските танци на Брамс, Турскиот марш на Моцарт, и композиции од ерменски автори, ретко изведувани кај нас.
Преработките на македонските народни песни, но и оние македонски ритми, во изведба со „Македонисимо“, добија најмногу аплаузи и дофрлања, „браво“.
Заедно со Трпчески синоќа настапија и пијанистката Елена Атанасовска-Ивановска, виолинистот Момчило Куфујанакис, басбаритонот Иван Наумовски и баритонот Горан Начевски.
На сцената, пред публиката, се обратија и деканката на ФМУ, Дарија Андовска, австрискиот амбасадор Мартин Мапер и бизнисменот Анѓушев за кого беше чест Симон Трпчески прв да свири на донираното пијано.
Подготвено од М.Д.