
20.02.2025 Скопје
Украинскиот пратеник Олексиј Хончаренко изјави дека последните коментари на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина биле „непријатни за слушање“.
Хончаренко истакна дека прашањето не е за навреденост: „Не сме во градинка, ова е премногу сериозно“.
Секојдневно се убиваат луѓе, секојдневно умираме – додаде тој.
Пратеникот нагласи дека, без разлика кој што зборува, главната цел на Украина мора да остане завршување на војната со зачувување на нејзиниот суверенитет.
Не ни треба само да седиме на преговарачка маса. Нашата цел треба да биде договор кој ќе ни го гарантира суверенитетот што значи сопствена армија, воена индустрија и право да одлучуваме за нашата иднина, вклучително и за интеграцијата во ЕУ и НАТО – рече Хончаренко.
Истовремено, тој нагласи дека Украина не смее да ја изгуби поддршката на САД како сојузник и дека треба да ја обедини Европа околу себе.
Претседателот Трамп исправно кажа дека меѓу САД и Русија има океан, но меѓу Европа и Русија се наоѓа Украина – додаде пратеникот.
Изјавата на Хончаренко доаѓа по средбата меѓу американски и руски претставници во Саудиска Арабија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека било „изненадување“ што Украина не била поканета на овие разговори.
На тоа Трамп одговори дека Украина имала три години да стави крај на војната и воедно ја обвини Украина дека ја почнала војната.
Верувам дека имам моќ да го прекинам овој конфликт – рече Трамп.
Зеленски ја одложи својата посета на Саудиска Арабија за 10 март, а Киев повтори дека нема да прифати никакви договори за Украина без нејзино учество.
Во Ријад, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров предупреди дека Москва нема да прифати присуство на НАТО сили во Украина како дел од каков било мировен договор.
Од друга страна, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека разговорите се „прв чекор во долг и тежок процес“ за завршување на војната.
Подготвено од М.Д.