
14.02.2025 Скопје
Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), неделава (10-12.02.2025 година), на целата територија во државава, спровеле 124 вонредни контроли кај големите маркети кои имаат синџири на супермаркети, дисконти и хипер маркети.
Целта на контролите била проверка дали операторите се регистрирани во АХВ за сите дејности и активности во секој од објектите, дали и колку се исполнети општите и посебните хигиенски услови за храна, со акцент на спроведување на контроли во деликатес одделите и месарниците, како и во месарниците кои изработуваат свежи подготовки од месо.
Покрај ова се контролирала и исполнетоста на процедурите за чистење и дезинфекција на опремата, приборот за работа и спречување на вкрстена контаминација, снабдувањето со безбедна вода, поседувањето на санитарни книшки и сертификати за стручна подготовка на вработените лица кај операторите, чувањето и складирањето на храната, нејзиното потекло, следливоста (проверка на комерцијалните документи), како и почитувањето на температурниот режим за храната од нејзиниот прием до ладилник. Контролирано било и водењето на записи за НАССР и Добра производствена и Добра хигиенска пракса, означувањето на храната, плановите за сопствено мострирање на операторите, спроведувањето на операциите за пакување/препакување, дезинфекција, контрола на штетници, а со вонредните контроли опфатени биле и магацините на операторите.
„Донесени се 47 решенија за утврдени недоследности, изречени се 29 парични казни во вкупна вредност од 82 илјади евра во денарска противвредност. Кај 15 оператори утврдени се незадоволителни хигиенски и технички услови во објектот, кај 12 најдена е храна со поминат рок на употреба, а кај 5 храна без следливост, со оштетена амбалажа, недекларирана и сл. Тројца од контролираните оператори не извршиле задолжителни здравствени прегледи за вработените, 10 не воделе записи за HACCP, добра хигиенска и добра производствена пракса. Кај 4 оператори најдени се несоодветно означени производи, а еден објект не бил регистриран. Нештетно се уништени 22,3 тони небезбедна храна, од кои најголем дел месо“, се вели во соопштението од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Подготвено од М.Д