
07.02.2025 Скопје
Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ се планира да биде трансформирана во регионален центар за лекување на пациентите од главниот град, како и од Велес и Куманово. Оваа информација ја соопшти директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, на прес-конференција на која беше презентиран буџетот на ФЗО за 2025 година, наречен „План 2025“.
Клековски истакна дека Владата размислува да ја стави во мирување иницијативата за изградба на нов Клинички центар. Причините, според него, се двојни – прво, демографскиот пад и намалувањето на населението, а второ, неискористените капацитети на ГОБ „8 Септември“, кои можат значително да помогнат во намалување на притисокот врз Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
„Нам демографијата ни паѓа, со текот на годините имаме сѐ помалку население, така што мораме да ги погледнеме и бројките на осигуреници и на пациенти. Второ, дел од капацитетите не се искористени како што треба. Од сите постоечки капацитети во РС Македонија, најблиску до стандарди за нешто повеќе, вклучувајќи и за универзитетска клиника, има ГОБ ‘8 Септември’“, изјави Клековски.
Тој истакна дека ГОБ „8 Септември“ располага со 150 квадратни метри болнички капацитети, што е значително повеќе во споредба со Старата Градска болница, сега позната како „Свети Наум Охридски“, која има само околу 30 квадратни метри. Според него, и Светската здравствена организација (СЗО) во своите извештаи укажува на потребата од реорганизација на здравствениот систем.
„Морам да кажам дека во ‘8 Септември’ се изведуваат методи кои не се изведуваат на Клиника. Тука гледаме најмногу потенцијал, со најмало вложување да добиеме најдобар одговор. Освен Онкологијата, мислам дека ќе бидат најавени нови проекти, како на пример Нефрологија,“рече Клековски, нагласувајќи дека за оваа иницијатива ќе бидат потребни законски измени.
Буџетот на ФЗО за 2025 година е предвиден на 53,4 милијарди денари, што е зголемување од 7 милијарди во споредба со претходната година. Според Клековски, со овие финансиски средства ќе се направи значителен чекор напред во здравствената заштита. Посебен акцент е ставен на зголемување на средствата за дијагностички лаборатории, со цел подобра покриеност и намалување на времето на чекање за овие услуги.
Подготвено од М.Д.