
03.02.2025 Скопје
Норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Ајд изјави дека САД би можеле да воведат царини за стоки од Европа.
Ајд ја нарече неразумна одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царини на стоки од Канада, Мексико и Кина и нагласи дека има причина да се верува дека Европа ќе биде следна.
„Одлуката на американскиот претседател Трамп да ги зголеми царините не е мудра и ќе има големи последици, а оние кои гласаа за Трамп ќе сфатат дека јаворовиот сируп од Канада и авокадото од Мексико одеднаш ќе поскапат“, изјави Ајд за НРК.
Тој наведе дека Норвешка и нејзината економија се исклучително зависни од промените во надворешниот свет.
„Сепак, со години се подготвуваме за доаѓањето на Трамп“, рече Ајд.
Трамп потпиша извршни наредби за воведување царини на стоки од Канада, Мексико и Кина.
Увозните давачки од 25 отсто важат за сите стоки од Канада, освен за енергетските производи, кои ќе подлежат на стапка од 10 отсто. Тарифата за стоката од Мексико исто така ќе биде 25 проценти.
Трамп воведе царини од 10 отсто за стоки од Кина, како дополнение на веќе воведените за кинески увоз од САД.
Тарифите за стоки од Канада стапуваат на сила на 4 февруари.
Подготвено од М.Д.