
10.02.2025 Скопје
Европската унија (ЕУ) ќе ја лансира својата платформа за заедничко купување на критични ресурси со купување на водород во септември.
Веројатно ќе следи купување на критичните минерали, веројатно во третиот квартал, а гасот ќе биде последен, без конкретна временска рамка, велат трите извори, кои одбија да бидат именувани.
Блокот сака да ги здружи нарачките за купување за да им даде на учесниците повеќе можности да добијат подобри зделки за критичните минерали кои се од суштинско значење за еколошката транзиција и со кои се тргува на непроѕирните пазари доминирана од Кина.
ЕУ ги избра „PriceWaterhouseCoopers“ и словачка софтверска компанија да ја развијат заедничката платформа за купување по конкурентен тендер.
Идејата произлегува од постоечкиот механизам за заедничко купување на природен гас – „AggregateEU“, кој беше пуштен во употреба за време на енергетската криза во 2022-ра година.
„AggregateEU“ ќе биде затворен на крајот на март по последната рунда на усогласување купувач-продавач, а нејзиното место ќе го заземе новата платформа, додаваат изворите.
Според „AggregateEU“, земјите-членки беа обврзани да ѝ обезбедат на платформата одредени количини на побарувачка на гас. За споредба, новиот механизам за заедничко купување ќе биде доброволен, велат изворите.
Тие додаваат дека друга разлика е што зделките ќе бидат пријавени, иако цените нема да бидат вклучени бидејќи се сметаат за комерцијално чувствителни информации.
Некои извори од индустријата ги критикуваа плановите, велејќи дека едноставното здружување на купувачите и продавачите не е многу корисно. Сепак, изворите забележуваат дека законодавството на заедницата не дозволува купување и тргување на ниво на ЕУ, само координација на понудата и побарувачката.
Не е јасно колку гас е купен во рамките на „AggregateEU“, бидејќи компаниите не се обврзани да го пријават ова до Европската комисија.
Еден од изворите рече дека целта на новата платформа е да ги обезбеди сите информации потребни за да се олесни склучувањето на договор.
„Не планираме да интервенираме и да ги замениме пазарите. Се обидуваме да бидеме интерфејс, обезбедувајќи врска што всушност ќе му помогне на пазарот“, вели изворот.
Подготвено од М.Д.