
25.02.2025 Скопје
Европската унија синоќа и понуди на Украина сопствен договор за „критичните суровини“, токму во моментот кога американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Вашингтон е блиску до постигнување договор со Киев за правата на огромните природни ресурси на Украина.
Еврокомесарот за индустриска стратегија Стефан Сежурне рече дека ја претставил европската верзија на договорот на Украина за време на посетата на Киев, каде делегација на Европската комисија ја одбележа третата годишнина од почетокот на сеопфатната руска инвазија.
Клучната разлика меѓу договорите што ги нудат ЕУ и САД
„Дваесет и еден од 30-те критични материјали што и се потребни на Европа може да ги обезбеди Украина, во заемно корисно партнерство“, рече Сежурне, пренесе АФП. Тој, исто така, ја истакна клучната разлика меѓу ЕУ и САД: „Додадената вредност што ја нуди Европа е тоа што никогаш нема да бараме договор што не е заемно корисен“.
Трамп бара права на украинските ресурси за 500 милијарди долари
Трамп е сè поагресивен во своите барања за Украина кога станува збор за нејзините природни ресурси. Тој бара дури 500 милијарди долари компензација за американската помош за Киев во одбрана од рускиот напад.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски досега одби да потпише два нацрт-договори предложени од администрацијата на Трамп. Овие договори вклучувале откажување на Украина од правата на минералните ресурси, приходите од нафта и гас и профит од пристаништата и инфраструктурата во вредност од 500 милијарди долари.
Трамп тврди дека конечниот договор е многу блиску
„Нема да потпишам нешто за што десет генерации Украинци ќе мора да платат“, рече Зеленски на прес-конференција во неделата. Но, Трамп вчера рече дека „конечниот договор е многу блиску“ и дека ќе вклучува „ретки метали и разни други работи“.
И заменик-премиерот на Украина, Олха Стефанишина, изјави дека Украина и САД се во „завршна фаза“ на преговорите за договор што ќе му овозможи на Вашингтон пристап до украинските минерални ресурси во замена за безбедносни гаранции.
Украина има огромни резерви на клучни суровини, од литиум до титаниум, кои се од суштинско значење за модерната технологија и се во голема побарувачка во глобалната трка по ресурси. Исто така, има големи резерви на јаглен, нафта, гас и ураниум, но значителен дел од овие ресурси се наоѓаат на територија под руска контрола.
Подготвено од М.Д.