mask

27.02.2025 Скопје

Повеќе од 280.000 Канаѓани потпишаа петиција со која бараат од премиерот Џастин Трудо да му го одземе канадското државјанство на технолошкиот магнат Илон Маск поради дејствување против канадските национални интереси.

Петицијата е покрената на 20 февруари, со која се тврди дека Маск, шеф на Канцеларијата за владина ефикасност на американскиот претседател Доналд Трамп, „станал член на странска влада која се обидува да го избрише канадскиот суверенитет“.

Тој, исто така, е обвинет за „ангажман во активности кои се спротивни на националните интереси на Канада“ и за користење на своето „богатство и моќ за да влијае на [канадските] избори“.

Маск, најбогатиот човек на светот, има јужноафрикански, американски и канадски пасош – последниот го добил затоа што неговата мајка е родена во Канада.

Маја Маск, која по потекло е од провинцијата Саскачеван во централна Канада. Милијардерот, кој е натурализиран како американски државјанин во 2002 година, е задолжен од Трамп да ја намали јавната потрошувачка на федерално ниво во САД.

Воведување на царински давачки

Маск се прослави како извршен директор на Tesla и SpaceX, како и сопственик на X, но неодамна се вклучи во американската политика како еден од најблиските доверливи луѓе на Трамп.

Милијардерот застана на страна на Трамп додека ги преврте односите меѓу Вашингтон и Отава, заканувајќи се дека ќе воведе царини од 25 отсто за канадски и мексикански стоки, што практично ќе ја поништи тридецениската слободна трговска зона меѓу САД, Канада и Мексико.

Трамп ги стави во мирување тарифите на 30 дена на почетокот на февруари за да овозможи преговори меѓу Вашингтон, Отава и Мексико Сити, но во понеделникот рече дека ќе ги продолжи мерките следната недела.

Тој, исто така, се закани дека ќе воведе царини од 25 отсто за целиот увоз на челик и алуминиум во САД, вклучително и од Канада.

Забелешки за Канада

Трамп и Маск дадоа забелешки, сугерирајќи дека Канада треба да стане „51-ва. држава“ на САД, а Маск го нарече Трудо „гувернер на Канада“. Маск даде слични забелешки како одговор на петицијата, тврдејќи на X дека „Канада не е вистинска земја“.

Тој неодамна во неколку наврати ја критикуваше политиката на канадскиот премиер Џастин Трудо, а во декември го поддржа канадскиот опозиционер Пјер Полиевре, лидер на Конзервативната партија.

Канадската петиција, спонзорирана од пратеникот на Нова демократска партија, Чарли Ангус, е отворена до 20 јуни, кога ќе биде претставена пред парламентот за можен одговор од владата.

Не е јасно како Отава би можела да одговори на петицијата.

Според канадскиот закон, државјанството може да се одземе во случаи на сериозни кривични дела како што се предавство и шпионажа или кога поединецот „извршил измама, лажно се претставил себеси или свесно сокрил информации во врска со барање за имиграција или државјанство“.

Подготвено од М.Д.

About Author