
24.02.2025 Скопје
Австралискиот регулатор за безбедност на интернет ја казни платформата за социјални медиуми Телеграм за 1 милион австралиски долари (611.500 евра) поради одложување на одговорите на прашањата за мерките на апликацијата за спречување на ширење на злоупотреба на деца и насилен екстремистички материјал.
Комисијата за безбедност на Интернет во март 2024 година побара од платформите за социјалните медиуми YouTube, X, Facebook, Telegram и Reddit да одговорат зошто не презеле доволно мерки за да ги спречат екстремистите да користат функции за пренос во живо, алгоритми и системи за препораки за регрутирање корисници.
Телеграм и Редит беа прашани за чекорите што ги презеле за борба против сексуалната злоупотреба на деца во нивните компании, на што требаше да достават одговори до мај, но Телеграм достави одговор во октомври.
Комесарот за безбедност на Интернет, Џули Инман Грант, во изјавата рече дека доцнењето на Телеграм во обезбедувањето информации го попречува е-Безбедноста да ги спроведе своите онлајн безбедносни мерки.
Телеграм соопшти дека целосно одговорил на сите прашања минатата година и дека има намера да поднесе жалба на казната.
Подготвено од М.Д.