
10.02.2025 Скопје
Премиерот Албин Курти и неговата левичарска националистичка партија Самоопределување (ВВ) победија на парламентарните избори на Косово, покажуваат излезните анкети и првичните резултати на Централна изборна комисија (ЦИК).
Но владејачката партија предводена од Курти најверојатно ќе зависи од коалиционите партнери за да продолжи да владее.
Движењето Самоопределување на премиерот Албин Курти има освоено 41,99 отсто од гласовите на парламентарните избори во Косово, велат последните податоци на тамошната Централна изборна комисија од 73 отсто од преброените гласови.
На второ место е Демократската партија на Косово со 22,68 отсто, додека Демократската лига на Косово е трета со 17,9 отсто. Потоа следува Алијанса за иднината на Косово со 7,56 отсто од гласовите.
Српската листа има 2,98 отсто.
Според последните резултати на Централната изборна комисија, на изборите во Косово учествувале 789.172 гласачи, што резултира со излезност од околу 40 отсто.
На вчерашните први редовни, а вкупно девети парламентарни избори во Косово од прогласувањето на независноста, се гласаше на 2.533 гласачки места, а право глас имаа 1.970.944 лица во самото Косово и 104.924 во дијаспората. Косовските граѓани во странство гласаа вчера во 30 дипломатски претставништва, лоцирани во 19 различни земји.
На изборите учествуваат 28 политички субјекти, од кои 20 политички партии, пет коалиции, две граѓански иницијативи и еден независен кандидат.
Подготвено од М.Д.