kolichka-vo-market

25.02.2025 Скопје

Доколку било кој има подобар предлог за цените од оној на Владата со кој ќе се подобри стандардот на граѓаните, прифаќам да разговараме за него и ако е подобро, апсолутно ќе го поддржиме и прифатиме и ќе го донесеме како Влада, изјави премиерот Христијан Мицкоски во врска со барањето на Стопанската комората на трговци за уште една средба со него и со министерот за економија.

Владата донесе одлука. Дали таа некому му се допаѓа или не му се допаѓа, таа одлука е резултат на сите оние разговори, скрининзи на терен, сето она кое што го добивме како инпут во равенката и врз основа на тоа донесовме одлука. Таа одлука треба да се почитува и применува. Со жалење можам да констатирам дека некои од синџирите водат политичка борба против политичка влада, Но, тоа е нивен избор, јас тоа не можам ниту да го оправдам ниту пак да го осудам, ова е демократска држава, право на говор, секој има право на слобода на говор, секој којшто мисли дека треба да води легитимна борба, нека си се бори – рече Мицкоски.

Мицкоски сепак побара трговците овој пат да донесат концентриран предлог за да може полесно да се разговара за него.

Би сакал тој предлог да е концентриран, затоа што минатата средба, мора да заклучам, беше некако дифузна, од различни претставници на правни лица добивавме различни предлози. Да знаеме на која платформа понатаму можеме да разговараме, и доколку таа е подобра, односно во насока на подобрување на стандардот на граѓаните, апсолутно дека ќе одржиме и вонредна седница на Влада и ќе го прифатиме. Не сме ние ниту најпаметните, ниту пак, највештите во целата работа, но врз основа на тоа што до сега го имаме како инпут, донесовме таква одлука – рече Мицкоски.

Тој додаде дека надлежните институции – Пазарниот инспекторат и Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе продолжат со контролите, ќе бидат присутни на терен и сето тоа ќе го гледаат и ќе го анализраат.

Мицкоски рече дека засега не може да се бара маркетите да ги објавуваат цените на производите кои ги нудат на своите интернет страници бидејќи нема законска подлога.

Измените на законот се во Собрание и наскоро ќе се донесат. Тоа е израелски модел кој го прифатија голем број други земји, а ние бевме меѓу првите – информира тој.

Подготвено од М.Д.

About Author