w_55867042

30.01.2025 Скопје

Франција,Германија, Грција и 9 други земји од Европската унија бараат од Европската комисија да ги искористи своите овластувања според Законот за дигитални услуги (DSA) за да го заштити интегритетот на европските избори од странско мешање, се вели во писмото потпишано од 12-те земји.

Во писмото, министрите за европски прашања на Грција, Франција, Германија, Холандија, Белгија, Кипар, Хрватска, Чешка, Данска, Романија, Словенија и Шпанија бараат од Комисијата да ги спроведе ветувањата за создавање тело на Европската унија за справување со странската разузнавачка манипулација и странско мешање.

Дипломатите на ЕУ рекоа дека писмото се однесува на мешањето главно на Русија и Кина, но и во други случаи.

Германија ќе одржи предвремени избори на 23 февруари и земјата формираше ударна сила за справување со какви било обиди на странска држава да влијае на гласањето, по предупредувањето за шпионирање и саботажа од страна на Русија.

Минатата недела, Илон Маск, сопственик на социјалната мрежа Икс, се појави на настан на кампањата на екстремно десничарската германска партија Алтернатива за Германија (АфД) за да ја поддржи партијата по втор пат во две недели.

Во декември, Европската комисија отвори истрага за социјалната мрежа Тикток, во сопственост на кинеската Бајтденс, поради сомневање дека не успеала да го спречи мешањето во ноемвриските претседателски избори во Романија.

Владините претставници во Полска, каде што треба да се одржат претседателски избори во мај, предупредија дека Русија регрутира Полјаци за да влијае на изборите.

Подготвено од М.Д.

About Author