22.01.2025 Скопје
Една недела по стапувањето на премиерската функција во Софија, новиот бугарски премиер Росен Жељазков, денеска, во Стразбур ќе се сретне со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста и со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.
Средбите со европската тројка ги најави главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо. Пињо не соопшти детали за темите на разговор меѓу Фон дер Лајен и Жељазков, но според најавите од Софија, Жељазков со своите соговорници ќе разговара за главните приоритети на бугарската Влада и за „актуелните теми од европската агенда“. Очекувањата секако се дека една од темите ќе биде и РС Македонија и барањето за уставни измени, особено на средбата со фон дер Лајен, која и во претходниот и во новиот мандат како претседателка на Комисијата е „истурен“ европски играч во однос на закочените македонски евроинтеграции поради барањето од Софија да го промениме Уставот и да ги внесеме Бугарите во Преамбулата.
Според најавите, Фон дер Лајен во Стразбур ќе учествува на сесијата на Европскиот парламент на дебатите за резултатите од декемврискиот Самит на ЕУ и за приоритетите на полското претседателство со Советот на ЕУ во првите шест месеци од годинава. По именувањето на Жељазков за премиер, Фон дер Лајен, му го честиташе изборот со порака дека со нетрпение очекува да работи со него „за просперитетна Бугарија во силна и обединета Европа“.
Македонските власти подолг период порачуваа дека ќе биде подобро да се разговара кога од другата страна ќе имаат партнер со целосен политички легитимитет, за разлика од досегашните технички Влади во Софија. Иако од источниот сосед пристигаа сигнали дека кој и да биде во новата бугарска Влада, нема да ги промени бугарските позиции во однос на РС Македонија, што е официјален став и на бугарското народно Собрание, очекувањата кај македонските власти, како и кај дел од познавачите се дека со формирањето на стабилната влада во Софија може конечно да се отвори патот за позитивен меѓусебен дијалог и евентуално вин-вин решение.
Поранешниот македонски амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев, неодамна анализираше дека иако Бугарија ја префрли топката во Брисел и тврди дека прашањето е мултилатерално, се работи за исклучиво билатерален договор и преговорите со бугарските политичари се паралелен процес што мора да се одвива. Според него, ако ништо друго, македонската страна ќе мора да се соочи со тврдите ставови на Софија и до која мера Бугарија може да оди со својот негативизам.
Во секој случај, барем ќе се соочиме со нивните тврди ставови, затоа што сите парламентарни бугарски партии опстојуваат на бугарските ставови. Ќе можеме да откриеме, да детектираме до која мера нивните негативизми можат да одат во дијалогот помеѓу Бугарија и РС Македонија. Кога ќе знаете дека тие не отстапуваат, тогаш вие ќе преземете чекори или нема да водите дијалог, ќе кажете дека договорот не се исполнува. Ќе утврдиме до каде можат да издржат во нивната негаторска тенденција. Историските прашања подлежат на европски регулативи. Нема да дозволиме нарушување на европскиот стандард со некакви барања од бугарска страна. Ќе мора да седиме на маса. Нема да биде тоа лесен, ќе биде тежок процес, но ќе стане јасно во која насока ќе се движат односите меѓу двете земји. До сега бевме по една политичка магла, вели поранешниот амбасадор.
Изминатите месеци, македонскиот премиер Христијан Мицкоски со тим од земјава на низа средби со високи европски претставници дома и во Брисел, го презентираше македонското барање за уставни измени со одложено дејство, односно измените да се изгласаат во македонското Собрание, но да стапат на сила тогаш кога Бугарија ќе го ратификува македонското членство во Европската Унија. Тој во неколку наврати порача дека РС Македонија досега направила доволно отстапки, како ниту една држава во ЕУ. По низата средби со високи европски претставници, Мицкоски сподели оптимизам со јавноста и порача дека земјава досега не добила антитези од Брисел за ставовите за уставни измени со одложено дејство. Мицкоски оцени дека процесот на пристапување во Европската Унија со ваквиот начин на одлучување се балканизираше наместо ние да се европеизираме. Во едно интервју, Мицкоски рече дека е подготвен да се сретне со високи претставници на Софија, да разговара со нив каде било на оваа тема и да ги разгледаат сите можности, затоа што, како што посочи, потребно е и двете страни да се согласни. Но, потенцира дека нема по секоја цена да бара решение што дополнително ќе ни го отежни процесот.
И претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во првото свое годишно обраќање до јавноста во средата, порача дека е време за храбар исчекор од Унијата и дека уставни измени со одложено дејство е единственото можно решение.
И покрај тоа, официјалните пораки што доаѓаат од Брисел упатуваат на потребата да се донесат промените на Уставот, согласно преземените барања. Новата еврокомесарка Марта Кос, во неколку наврати го потенцираше ова очекување од ЕУ.
Се надеваме дека РС Македонија ќе ја исполни обврската да го промени уставот. И потоа сигурна сум дека кога ќе се придвижиме со РС Македонија исто така и со поддршка на Бугарија, ќе можеме да продолжиме. И господине Пицула, го споменавте прашањето за кредибилитетот на ЕУ. Тоа се однесува за двете страни, што значи да се има барања кон земјите кандидатки, но и да се испочитуваат (од ЕУ) ако тие испорачаат, рече еврокомесарката Кос, минатата недела пред Комисијата за надворешни прашања во Европскиот парламент.
При последната посета на РС Македонија во октомври лани, претседателката на ЕК порача дека Унијата има јасна цел, а тоа е што е можно поскоро да се отвори кластерот фундаментални вредности во пристапните преговори на земјава со ЕУ, но за тоа е потребно да поминат уставните измени на кои земјава се обврзала. Затоа, фон дер Лајен побара политичките сили во земјава да се здружат и да „ги преземат потребните одлучни чекори за напредок“. Премиерот, пак, ѝ порача на Фон дер Лајен дека РС Македонија очекува Унијата да ни помогне како да ги продолжиме евроинтеграциите „уважувајќи ги легитимните ставови на нашите граѓани дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се во длабока спротивност со идеите на кои почива самата ЕУ“. Ниту Фон дер Лајен, ниту Мицкоски тогаш не открија дали РС Македонија добила амин од Брисел за идејата за уставни измени со одложено дејство и дали одложено дејство е прифатливо за Брисел.
Подготвено од М.Д.