14.01.2025 Скопје
Медицинско-психолошкиот преглед или, како што популарно се нарекува во Германија, Idiotentest (MPU) ги чека сите возачи во Германија кои ќе ја изгубат возачката дозвола поради возење под дејство на алкохол (на пример, со над 1,6 промили), дрога или за собирање премногу казнени поени.
Целта на овој тест е да се проценат психофизичките способности на возачите и да се утврди дали се подготвени безбедно да учествуваат во сообраќајот.
Годишно околу 80.000 возачи се принудени да го полагаат овој тест, а дури 40 отсто од нив не успеваат да го поминат од првиот обид и мора повторно да се подложат на проценка. „Тестот за идиоти“ се состои од лекарски преглед, интервју со психолог, тест за реакција и концентрација и прашалник.
Примери на прашања од Idiotentest вклучуваат:
Колку долго ја поседувате вашата возачка дозвола?
Како се оценувате себеси како возач?
Како реагиравте на првите опомени и казни?
Кои се разликите помеѓу вашите сегашни и претходни одлуки?
Што значи за вас возачката дозвола?
Целта на прашањето е да се открие дали возачот ги признава своите грешки и научил од нив, но и да процени дали постои можност да го повтори недоличното однесување.
Според адвокатот на германскиот автомобилски клуб (ADAC) Левин Шнајдер, трошоците за MPU може значително да варираат во зависност од ситуацијата:
Индивидуалната обука чини околу 100 евра на час, додека групните сесии чинат помеѓу 500 и 600 евра.
Доказ за апстиненција (анализа на коса или урина) може да чини помеѓу 50 и 300 евра.
Самото тестирање (оценување) чини од 400 до 800 евра, во зависност од причината за одземање на возачката дозвола.
Аплицирањето за нова возачка дозвола чини околу 250 евра.
Вкупната цена на Idiotentest може да надмине 2.500 евра, што го прави прилично напорна процедура, не само психолошки туку и финансиски.
Подготвено од М.Д.