22.01.2025 Скопје
Владата планира да купи нов авион за сопствени потреби. Директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски вели дека од резервоарот на владиниот авион протекува гориво, тој е со чести дефекти и стар е повеќе од дваесет години.
На Илинденска број два се размислувало за набавка на нов или половен авион но не постар од три години. Авионот би линел од 30 до 40 милиони евра, а поправка на стариот 15 милиони евра.
Ако претендираме и сакаме да бидеме сериозна држава, треба да имаме соодветен воздухоплов, а воздухопловот што моментално го имаме, има само шест седишта, непрактичен е за поголеми делегации, често се расипува и поради тоа сметам дека треба да се размислува сериозно за набавка на нов авион, можеби и половен авион, но не постар од две-три години и по тоа прашање треба да се има еден заеднички консензус опозиција-власт, нагласи директорот на СОЗР, Ивица Томовски.
Властите имаат намера повторно да го заживеат комплексот Македонско село кој се наоѓа кај манастирот Свети Пантелејмон. Томовски вели, до крајот на работната недела ќе се објави оглас за избор на концесионер. Почетната цена на наддавањето за 12 автентични куќарки во кои има простор за 150 легла, три ресторани и останати помошни реквизити ќе биде само четири илјади евра месечно.
Она што ние како држава го правиме во моментов е проценка на тој имот. Нема да го издадеме како јавно-приватно партнерство како што тоа било во минатото – ние да одржуваме дел, а дел економскиот оператор. Практично, му даваме клуч на економскиот оператор со нашата замисла и тој стопанисува комплетно и целосно со тој објект, потенцираше директорот на СОЗР, Ивица Томовски.
За три месеци треба целосно да биде завршена и процедурата за имплементација на црвено-жолти регистарски таблички на службените возила. Томовски додава дека планот е да отвори телефонски број и емаил адреса на кои граѓаните ќе може да пријавуваат злоупотреба на возилата.
Подготвено од М.Д.