25.01.2025 Скопје
Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп кажа дека би сакал да не мора да ѝ наметне царини на Кина, што се чини како нагла промена во однос на неговите претходни ветувања дека ќе го погоди најголемиот економски ривал на САД со огромни увозни царини.
На прашањето за тоа во синоќешното интервју, дали би можел да склучи договор со кинескиот претседател Си Џинпинг околу Тајван и трговијата, Трамп кажа дека „може да го направи тоа затоа што САД имаат богатство, имаат царини“, но дека би сакал да не мора да ги користи.
„Имаме голема моќ над Кина, тоа се царините а тие не ги сакаат и повеќе би сакал да не морам да ги користам. Но тоа е голема моќ над Кина“, кажа Трамп во интервјуто.
По преземањето на должноста во понеделникот Трамп кажа дека царините од десет отсто на кинескиот увоз би можеле да стапат на сила на 1 февруари. За време на изборната кампања тој порачуваше дека царините би можеле да достигнат 60 отсто.
Кина предупреди дека „нема победник“ во трговската војна и се обврза дека ќе ги брани своите економски интереси.
Подготвено од М.Д.