24.01.2025 Скопје
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека ќе побара од Саудиска Арабија и од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) да ја намалат цената на нафтата и ќе го повика Ријад да го зголеми планираниот инвестициски пакет за САД од првичните 600 милијарди долари на 1.000 милијарди долари.
„Ако цената на нафтата падне, тоа веднаш ќе се стави крај на руско-украинската војна. Во моментов цената е доволно висока и оваа војна ќе продолжи – затоа мораме да ја спуштиме“, рече тој во видео пораката до Светскиот економски форум во Давос.
„Со падот на цената на нафтата, ќе побарам каматните стапки веднаш да се намалат и тие да се намалат на ист начин низ целиот свет“.
Американскиот претседател, исто така, рече дека ќе гарантира снабдување со течен природен гас за Европа, но додаде дека ЕУ лошо се однесува кон САД и тоа го отежнува увозот на американски производи во Европа.
Подготвено од М.Д.