18.01.2025 Скопје
Социјалната мрежа ТикТок, во сопственост на кинеската компанија Бајтденс, најави дека утре ќе биде принудена да ги прекине сите активности во САД, доколку не добие јасна изјава од Белата куќа за нејзината иднина.
Соопштението беше објавено откако американскиот Врховен суд вчера го потврди законот со кој се забранува употреба на ТикТок во САД, освен ако платформата не ги прекине врските со кинеската матична компанија до недела, објавија американските медиуми.
Американската администрација во петокот соопшти дека нема да спроведе потенцијална забрана веднаш по истекот на рокот, оставајќи го спроведувањето на законот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој ќе ја преземе функцијата во понеделник. Трамп, кој се спротивстави на забраната, рече дека ќе се обиде да ја поништи одлуката.
Сепак, од ТикТок изјавија дека пораките од администрацијата на американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден не биле доволно јасни.
Како одговор на ТикТок, официјален претставник на Белата куќа изјави дека администрацијата на Бајден веќе направила големи напори да ја соопшти својата позиција и дека ќе зависи од администрацијата на Трамп да го спроведе законот.
Забраната треба да стапи во сила утре, 19 јануари. Според законот, кинеската компанија Бајтденс треба да ја продаде американската филијала на својата популарна социјална мрежа до утре или во спротивно ќе биде забранета во САД.
Според пресудата, законот, кој минатата година беше усвоен од големо мнозинство претставници во Конгресот, и републиканци и демократи, не го прекршува Првиот амандман на Уставот на САД, кој ја штити слободата на говорот.
Врховниот суд ги сослуша аргументите од двете страни до 10 јануари, само девет дена пред истекот на рокот утврден со закон.
ТикТок го користат милиони Американци и е меѓу најпопуларните платформи во таа земја, а компанијата планира да ги затвори своите операции во САД доколку не дојде до пресврт во последен момент.
Подготвено од М.Д.