
24.01.2025 Скопје
Според дел од хрватските синдикати, странските работници имаат повеќе права од домашните.
Велат дека странците често се привилегирани во многу компании, во споредба со домашните работници. Така, хрватскиот синдикат ППДИВ, (Синдикатот на вработените во земјоделството, прехранбената и тутунската индустрија и водостопанство), му укажа на народниот правобранител дека многу работодавци ги плаќаат трошоците за сместување и за храна за странските работници и креираат распоред за работа што ги фаворизира, односно има случаи кога тие работат само прва смена, а не работат за викенд, за разлика од локалните работници. Ова ги става странските работници во значително подобра и поповолна положба, што претставува одредена форма на дискриминација, тврдат од ППДИВ.
Велат дека тоа предизвикува незадоволство кај локалните работници, кои честопати се помалку платени од странците.
„Со вработување на странски работници, работодавачот има значителни трошоци во вид на трошоци за храна, плаќање на сместување и друго. Со подобрување на условите за работа на хрватските работници и трошење на истите средства, тие успешно би придонеле за задржување на домашните работници и зачувување на домашниот пазар на труд. Иако странските работници го збогатуваат општеството и ги пополнуваат празнините на пазарот на трудот кои настанаа поради високата стапка на иселување, дефинитивно треба да се работи на подобрување на условите за работа на граѓаните на Република Хрватска и нивно задржување на нивните работни места“, велат од синдикатот.
Додаваат дека не треба да се вработуваат странски работници под подобри материјални услови и на подолг временски период во однос на домашните работници.
Подготвено од М.Д.