https://commons.wikimedia.org/wiki/File:Panorama_na_Tetovo_02.JPG

27.01.2025 Скопје

Сојузот на борците од народноослободителната и антифашистичка војна од Тетово, во отворено писмо, изрази длабока загриженост за најавените промени на имињата на улиците во општината. Писмото е упатено до градоначалникот Билал Касами и споделено со јавноста, Советот на Општина Тетово, Владата на Македонија, претседателот на Републиката и дипломатскиот кор во земјата.

Во писмото се нагласува дека промената на имињата на улиците не треба да биде политички инструмент, туку важен процес кој треба да биде во служба на општествената кохезија. Сојузот ги критикува изјавите на Касами дека ако владејачката ВМРО-ДПМНЕ или некоја друга македонска партија не учествува во процесот на именување на улици, тоа значи дека ќе доминираат имиња на албански личности, што според нив може да доведе до поделби меѓу етничките заедници.

Сојузот истакнува дека според Законот за определување на имиња на улици, плоштади и други инфраструктурни објекти, мора да се почитуваат правните норми, вклучувајќи ја согласноста на Владата и Советот на Општина Тетово, кои треба да ја утврдат листата на имиња. Посебно се предупредува против именување на улици по личности од фашистичкиот период или оние кои имаат негативен политички контекст, кои можат да ја нарушат општествената хармонија.

На крајот, писмото апелира до политичките партии, дипломатскиот кор и јавноста да се спротивстават на какви било обиди за разгорување на национализмот и омразата во Тетово, нагласувајќи дека граѓаните заслужуваат мир и единство во оваа чувствителна политичка ситуација.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author